АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битола го слави Свети Нектариј, заштитникот на градот. По тој повод, синоќа се одржа традиционалната занаетчиска манифестација „Битолски еснафи“, а потоа и културно-уметничка програма во Народниот театар. Утринска литургија се служеше во храмот „Свети Димитриј“ во Битола, а потоа и литија низ улиците на градот.
Во рамките на културно-уметничката програма настапија три црковни хорови, машкиот хор„Св. Ахил Преспански“ од Ресен, женскиот хор „Св. Злата Мегленска“ и машкиот црковен хор „Св. Нектариј Битолски“.
Свети Нектариј беше прогласен за заштитник на Битола пред единаесет години. Од епархијата велат дека воспитувањето во христијански дух го добил од Битола пред пет века кога во градот постоеле стотина цркви и манастири.
Според житието, родителите на Некатриј биле побожни. Се верува дека мајка му ја сонувала Богородица, која ги предупредила со сопругот и децата да се сокријат пред османлиските војските што ќе дојдат. Така се спасиле, а потоа Некатриј заминал за Света Гора, каде се замонашил. И денес неговите мошти се наоѓаат во Кареа, во келијата каде што живеел и се молел. Битола, иако го прогласи за заштитник ги нема неговите мошти. На литијата која се одржува во негова чест на 18 декември се изложуваат моштите на Свети Агатангел, исто така светец кој потекнува од Битола. Во последните години расте бројот на битолчани кои денот го земаат за куќна слава.
„Ближен не се станува со зборови, ближен се станува со искрена насмевка, ближен се станува тогаш кога без умисла подавате рака, ближен се станува тогаш кога неповратно давате помош. А токму тоа најмногу ни недостига во нашето општество во денешницата. Катадневно сме сведоци дека ни смета раската во очите на другиот, а не ја забележуваме гредата во нашите очи. Токму тоа треба да го промениме. Ако порано се пукаше со куршуми, денес сме сведоци и слушаме зборови полни со омраза, кои што се се, само не човечки. “, рече градоначалничката Наташа Петровска.
За значењето на светецот, кој ја чува Битола, говореше неговото Високо преосвештенство, митрополитот Преспанско-Пелагониски и администратор Австралиско-Новозеландски г. Петар.
„Патронот го одгледала Битола, како што е опеано во неговиот тропар. Уште од многу млад се огледал кон Господа, се подвизувал најпрво во манастирот Свети Врачи кај Битола, заедно со својот замонашен татко Пахомиј, а потоа и на Света Гора. Во вечното христово царство заминал на 18 декември, денот кога и го славиме како наш заштитник“, посочи митрополитот г. Петар.