АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Утре со почеток од 20 часот во Народниот театар во Битола претпремиера на „Детето сонува'' од наградуваниот автор Ханох Левин во режија на гостинот од Израел Итаи Дорон, а премиерата е во сабота во 21 часот. Претставата е на главна сцена и трае околу два и пол часа.
Драмата ни открива приказна за едно патување на една мајка и едно дете кои бараат прибежиште по напуштањето на својот дом, откако војници го убиваат таткото и ги протеруваат мајката и синот. Тие запловуваат во пространиот океан на непознатото, молат за засолниште на еден сиромашен остров и желни се да се откажат од сѐ освен од животот, чекајќи каков и да е спас. Претставата во фокусот ја има голготата на мигрантите.
„Не станува збор за бегалци од конкретна војна, но со претставата сакавме да им се оддолжиме на сите оние луѓе кои ги губат своите домови, за сите оние луѓе за кои во Македонија во изминатиот период се говореше со многу предрасуди, скепса и страв. За оние луѓе за кои ние не успеавме да се надминеме и во еден момент се фативме во целата своја човечка беда и вулгарност да им продаваме велосипеди за 500 евра, шише вода за 2 евра, леб, да им наплаќаме превоз не замислувајќи се ниту еднаш за нивната човечка судбина“, рече директорот на Народниот театар од Битола, Иван Јерчиќ.