АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битолската изрека „ти му збораш за ќумурот, а тој за дрвата“ се почесто се практикува во битолскиот Совет. Најново комарците и глувците во Советот се помешаа со свињите.
Советници во битолскиот Совет често знаат точките на дневен ред да ги пренасочат во сосема друг правец и дискусијата да добие друга димензија, сметајќи дека така ќе ќарат политички поени, наместо да се разговара и одлучува за проблемот кој е зададен пред нив.
Така и на вчерашната седница на која на дневен ред беа програмите за уништување и контрола на комарците на територијата на Општина Битола и за превентивна систематска дератизација на депонијата Мегленци за 2019 година.
Советничката Олга Лозановска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека „вакви планови и програми носиме секоја година“ но таа очекувала носење на програма за да нема палење на депонијата Мегленци и да не се хранат домашните животни од таа депонија.
Габриела Илиевска од Поинаку, пак дискусијата за Мегленци ја поврза со нови вработувања.
-Отворете нови работни места во „Комуналец“ на кои ќе стојат луѓе за одржување на редот во Мегленци. Ајде заеднички да побараме измена на планот за вработување во ЈКП „Комуналец“ и нека се отворат работни места“ рече во својата дискусија советничката.
Претседателот на Совет Валентин Груевски по излагањата на двете советнички им рече дека нивното зборување им било „гратис“ но и предупредување да се придржуваат до дневниот ред.
-Намерно ве оставив да зборувате меѓутоа точката на дневен ред беше превентивна систематска дератизација. И едниот и другиот говорник повторно ја злоупотребивте говорницата и зборувавте за други теми. Ако ве предупредев дека ја злоупотребувате говорницата ќе креневте многу паника . Но еве ова денес ви беше гратис и предупредување да се држите до точката , рече Груевски.