АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Повеќе од половина од деновите во февруари годинава во Битола биле со загаден воздух со ПМ честитки над максимално дозволените концентрации, покажа извештајот на Платформата за следење на квалитетот на амбиенталниот воздух „Земи Здив“. Извештајот за февруари што беше презентиран вечерва е врз основа на податоци од три мерни станици кои тогаш работеле, сега се веќе поставени седум, а се планираат 20. Мерењата покажаа дека загадувањето на воздухот расте по 17 часот.
„ Се забележува дека на почетокот на февруари имаме високи концентрации кои се искачуваат особено во вечерните часови, доаѓа до 150 или 200 микрограми на метар кубен часовни концентрации. Втората недела, околу 10, 11 и 12 февруари има екстремно високи вредности кои се движат над 150 микрограми на метар кубен. Потоа има повеќе ветер, па загадувањето во третата недела е помало, за кон крајот на неделата да има пак големи вредности“, рече Мите Ристов од „Земи Здив“.
Според насоките на ЕУ, не смее да има повеќе од 35 дена годишно со среднодневно загадување од над 50 микрограми МП 10 честички. Но, повеќе од половината од деновите во февруари биле загадени над дозволеното.
„Дури и оние денови кои се релативно чисти, сепак загадувањето се движи со некоја вредност од 40 микрограми на метар кубен што е исто така на високо ниво. Најчисто кај Симпо , односно Областа“, рече Ристов.
Седумте мерни станици се поставени во урбан простор на Широк Сокак, Дрвен Пазар, Симпо, Јени Мале, до ОУ Тодор Ангелевски, Баденбалари и кај Декорпот.
Овие станици се единствени сертифицирани во земјава да мерат ПМ 1 честички. Тие се десет пати помали од ПМ 10, а колку е помало толку е полошо.
„ПМ 2,5 и ПМ 1 навлегуваат преку алвеолите од белите дробови во крвните садови. Се движат низ организмот и создаваат тромобови, кои предизвикуваат срцеви и мозочни удари. Затоа и смртноста од кардио-васкуларни болести во државата е на највисоко ниво. Некаде околу 60 проценти од сите смртни случи во Македонија се последица на кардио- васкуларни болести. А едно од главните причини е загадениот воздух“, додаде Ристов.
Пет граѓански здруженија од Битола формираа платформа за следење на амбиенталниот воздух и поставија седум сертифицирани мерни станици кои се набавени од независната глобална светска мрежа AIRLY и се референтни уреди.
„Целта е да се воспостави систем на густа хипер локална сензорска мрежа која ќе испраќа информации од различни локации на градот и тие ќе се апсорбираат и ќе бидат видливи преку мобилна апликација на паметен уред смарт фон, таблет и преку веб апликација. Целта е да се генерираат извештаи и предлог мерки, решенија и следење на ефектите од примената на таквите мерки, како и да се мапираат загадувачите . Ова ќе биде една алатка корисна и за властите и носителите на јавни функции кои ќе треба да ги применуваат и за граѓаните бидејќи ќе имаат реална претстава во реално време какво е нивото на загаденост“, рече Драган Вељанов од „Земи здив“.