АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Речиси и да нема катче на Баба Планина и Пелистер кое не го фотографирал големиот вљубеник во планинарството и фотографијата Виктор Калаузи. Тој потекнува од познатата битолска фамилија Калаузи која оставила значајна трага во историјата на Битола, а Виктор со фотографирањето ја продолжува традицијата на свој начин. Природните убавини кои ги крие Пелистер, па и места каде човечката нога поретко стапнува, се содржани во богатата збирка со над 30 000 оригинални фотографии на Калаузи.
„Од својата 13 година другарувам со Пелистер и планините. Уште од самите почетоци ми се појави желба моето визуелно доживување на планина да го овековечам преку фотографија и задоволството да се долови моментот е големо. Пелистер за мене е втор дом и многу повеќе од тоа, со други зборови начин на живот, место каде духовно се исполнувам. Годишно околу сто дена сум на планина, тоа е безмалку една третина од годината“, вели Калаузи.
По професија е економист, но кога стапнува на планина бројките и пресметките исчезнуваат, а видикот му го исполнуваат планинските убавини и хоризонти.
„Планината никогаш не е иста. Играта на светлината во секое годишно време е различна, значи неисцрпен извор на мотиви за овековечување.Со текот на годините фотографирањето на планините стана нераскинлив дел од моето планинарење. Створив ретка колекција во груба проценка од околу 30 000 фотографии со мојот дигитален фотоапарат Sony DSC F 828 и претходно со Rolleiflex околу 5000 дијапозитиви“, вели Калаузи.
Не ретко одел на Пелистер специјално за да фотографира некој дел од планината бидејќи знае во кој дел од денот е најубава светлината за фотографирање. Тоа подразбира и одење сам што претставува ризик и влегување во опасност, но тој одлично ја познава планината. И покрај богатството од фотографски записи со кое располага , Калаузи е скромен.
„Изложбите никогаш не беа цел на моето фотографирање. Така до сега сум имал една изложба ‘Помалку познатиот Пелистер’ во 2013 година која ја организираше Националниот парк Пелистер. Сум учествувал со мои фотографии во неколку монографии и календари со мотиви од Пелистер. Мојата колекција ја сметам како мое животно дело кое и понатаму се надополнува. Планината и фотографирањето се нераскинлив дел од моето духовно исполнување“, додава Калаузи.
Ж.З.