2win800x200

Интервју со Марија Арсиќ, наставник по музичко образование во ОУ „Гоце Делчев“-Битола - „Властите да посветат повеќе внимание и средства за подигнување на културни и музички институции во нашиот град“

Мај 12, 2019

Апла:На Државниот натпревар за хорови што се одржа во Скопје, ОУ „Гоце Делчев“-Битола освои прво место. Ова не е прва награда за хорот на ова училиште чии ментор сте Вие. На што се должи успехот?

Арсиќ :Oваа не ни е прва награда, во мојата музичко-педагошка кариера, веќе дванаесетта со прво место од Регионалните и седма награда на државен хорски натпревар. Успехот генерално го припишувам на мојот строго професионален однос и пристап во оваа работа, максималната дисциплина, големата желба и порив да ја пренесам љубовта кон музиката и хорското пеење кај децата, да допринесам за развивање чувство за тимска работа, одговорност кај нив и да им ги наметнам на некој начин сите оние бенефити кои ги носи хорското пеење воопшто, кои се и тоа како важни за целокупниот развој на нивната личност.

 

Апла:Хорот кој вие го водите се состои од три гласови, кои пеат во трогласна хармонија што не е едноставно да се постигне со деца, тешко ли е да се изберат талентирани деца и како ги мотивирате со оглед на тоа што секое од нив дополнително покрај училиштето е оптоварено со часови по странски јазици, спорт и слично?

Арсиќ :Да се работи во троглас со деца, ученици за мене како музички педагог е вистински предизвик, иако искрено речено е доста тешко со оглед на тоа дека најголемиот дел од децата не одат во нижо музичко училиште и недоволно се музички описменети.. Доаѓаат во хор само со својот глас, талент, љубов и желба за пеење, а останатиот дел околу нивното музичко описменување, развивање вокална техника, дисциплина и сл. е мој, што пак ќе речам ми претставува предизвик и задоволство да составам троглас кој ќе звучи убаво. Талентирани деца има доста, но ние наставниците сме тие што треба да ги детектираме и да работиме со нив. Сепак, покрај талентот, гласовните можности и љубовта за музиката и хорското пеење, кај децата, по мене едни од клучните критериуми за членување во училишниот хор се и одговорноста, редовноста, пожртвуваноста, истрајноста како особини кои треба да ги имаат, што ретко кои од денешните деца ги имаат сите овие карактеристики заедно и со оглед на тоа што се соочувам со доста проблеми во смисла, како што кажавте децата се расплинети на многу активности,немаат доволно време за да доаѓаат на проби, потоа немањето на соодветен музички кабинет и музички инструмент, недоволниот број на часови за хор(само 3 часа неделно),сепак успевам да ги изменаџирам и редуцирам како би постигнала максимални резултати во моето работење.

 

Апла:Во Општина Битола има десеттина основни училишта, но ретко кое го негува хорското пеење и секако натпреварувачкиот дух. Што се’ ни е потребно за да се променат работите?

Арсиќ :Секој од наставниците по музичко образование кои имаат часови по хор, не само во Битола и регионот, туку во сите училишта, треба да посветат повеќе внимание, време и енергија на тие часови, хорски проби со малку посериозен пристап. Сепак неблагодарно е да зборувам генерално за работата и пристапот на останатите колеги, тоа е индивидуално, но сметам дека не би требало да се поведуваме со мислата дека работиме со деца кои се недоволно музички зрели или образувани, па и нашиот пристап на работа со нив да биде таков не надевајќи се дека може да се оствари било каков успех над оние стандарди кои се очекувани да се постигнуваат со оваа категорија на деца и според програмата соодветна на нивната возраст и музичка развиеност. Потребна е промена во пристапот кон работењето со деца во училишен хор кој според мене треба да е третиран посериозно од страна на наставниците-ментори пред се’ за понатаму тоа да придонесе за успех.

 

Апла:По професија сте оперски пејач, Битола нема опера иако со години се заговараше таа идеја. Колку градот ја негуваа оваа уметност и каде треба да се движат работите во иднина?

Арсиќ :Битола можам слободно да кажам и тврдам дека е, и од секогаш била расадник на музички таленти општо, не само пејачи и штетата е голема што сите тие (вклучувајќи се и јас) завршуваат во музички институции или бавејќи се со уметничка музика надвор од нашиот град или ако сме останале тука, работиме како музички педагози немајќи можност да се истакнеме како музичари солисти или ансамблери во соодветна музичка институција, опера, филхармонија и тн. Операта како музичка институција е најсложен вид со оглед на тоа дека за нејзино непречено функционирање се потребни многу нешта кои се составен дел од истата, а во нашиот град, иако во 2005, чинам имаше обид за формирање камерна опера, а и сега се прави некој обид од страна на поединци за формирање на слична структура, мислам дека се потребни големи средства и пред се’ музички-функционален објект за да се реализира една музичка институција-Опера. Би сакала и би апелирала до властите во иднина да се посвети повеќе внимание и средства за подигнување на културни и музички институции во нашиот град, затоа што градот Битола, битолската публика, музичарите и културните работници кои потекнуваме од Битола го заслужуваме тоа.

marija 4

marija 2

marija 3

marija 5

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани