АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Бројот на закупени тезги на Зелениот градски пазар во Битола се намалува, но расте наплатата, иако цената на таксата е иста, велат од ЈП „Пазари“ - Битола откако извештаите за работата за минатата година, се најдоа пред Советот на Општина Битола.
Она што е интересно е што во 2017 година кога со претпријатието раководи кадар на ВМРО-ДПМНЕ иако имало повеќе закупени тезги биле наплатени помалку пари од закупнина.
Разликата во наплатата е од околу 500 000 денари.
-ЈП „Пазари“ во 2017 година прикажало приходи од пазаришна такса од 3 461 013 денари, додека во 2018 година, наплатени се 3 947 848 денари. Значи лани иако имало помалку издадени тезги од 2017 година, имаме повеќе наплата од над 8 илјади евра.
Прашањето е дали претходно се наплатувале парите, и ако се наплатувале каде се, зошто не биле евидентирани?, вели директорот на ЈП „Пазари“, Владе Атанасовски.
ЈП „Пазари“ во 2018 година, прикажало добивка од 620 403 денари по оданочување, а во 2017 година добивката по оданочување изнесувала 343 598 денари, што е разлика од околу 4 и пол илјади евра.
Интересен е и податокот изнесен во извештајот дека во декември 2017 година кога претпријатието го презема новата власт на сметката на „Пазари“ има нула денари.
Во 2017 година претпријатието имало обврски кон добавувачите од 1 221 757 денари, а лани сумата се намалила на 301 303 денари. Од нив во 2018 година исплатен е и кредит од 558 757 денари.
Трошоците во 2018 година, „Пазари“ ги намали за околу 400 000 денари.