АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Генералниот секретар на партијата Христијан Мицкоски и пратеникот Илија Димовски, најверојатно ќе бидат двата кандидати кои влегуваат во најтесниот круг од партиската битка за наследник на досегашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Од партиски извори дознаваме дека тие двајцата не само што успеале да ги соберат потребните триесет потписи од делегати, туку собрале многу повеќе потписи. Според истите извори, Мицкоски и Димовски се истурени играчи на Груевски, но и понатаму уживаат поддршка од најголемиот број делегати на конгресот. Прашање е дали потребната поддршка ќе ја добие Филип Петровски кој исто така најави дека ќе се кандидира за лидер на партијата, додека екс министерот за надворешни работи Никола Поповски проценил дека ова не е моментот за негов ангажман на чело на партијата.
Оние кои ќе успеат да ги соберат потребните потписи до 21 декември треба да го информираат Централниот Комитет на партијата, а тој оние што ги исполниле условите ќе ги предложи како кандидати на престојниот избор за претседател на партијата. Вонредниот Конгрес е закажан за 23 и 24 овој месец во Валандово, а идниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, трет по ред во историјата на партијата, ќе се избира со тајно гласање.