АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Градоначалничката Наташа Петровска, преку ФБ статус на нејзиниот профил, му одговори на носителот на листа во 5 ИЕ на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Дурловски, за неговата идеја киното „Манаки“ да му се додели на користење на институции со седиште во Скопје, а со Офицерскиот дом да управува приватник.
„Се некако ми доаѓа да речам, сон ќе да е - поетично им звучело или не, баш ми е гајле. Да се бориш за гласови во Битола како кандидат за пратеник и да даваш предлози Киното Манаки да се даде на институции со седиште во Скопје, просто не е за верување. И притоа да убедувате, онака низ спотче, Битола е мојата љубов. Вака да им кажам, јас не ставам во функција објекти во Битола за да поддржам централизација. Длабоко верувам дека децентрализацијата е основата за локален развој. Сами домаќини на своето. И да, има способни битолчани кои тоа ќе го менаџираат, доста беше жители од други општини домаќини во нашето. Патем, примете топли поздрави, сепак ќе бидете поканети на отварањата, за да со свои очи видите дека не било безидејно непродавањето на Офицерски. Можеби некој ќе не почести и со изведба на ,,Гранада,, која лично мојот чичко ја пееше со воениот оркестар на ЈНА токму во Офицерскиот Дом, напиша Петровска
Како што објави апла.мк , Дурловски, идеите ги сподели, исто така, на својот ФБ профил, каде што напиша дека киното „Манаки“ може да се додели на користење на фестивалот „Браќа Манаки“ или на националната Кинотека, а Офицерскиот дом може да се даде на користење ан приватни субјекти во културата.
„Офицерскиот дом во Битола е заштитен како културно наследство и несомнено, истиот треба да се стави во функција на културата. Сепак, тоа не подразбира дека е неопходно и да се основа нова локална установа која граѓаните ќе ја плаќаат од сопствениот џеб. Напротив, треба да се следат современите трендови и ваквите објекти да се доделат на користење на приватни субјекти во културата. Киното Манаки, исто така може да има повеќе намени. На пример, може да му се додели на користење на фестивалот на филмската камера" Брака Манаки", на националната кинотека која во соработка со општината може да развива најразлични форми на презентација на нашето аудиовизуелно наследство...Многу можности, но кој да се сети?, пишува во својот ФБ статус Дурловски, кој доби поддршка и од некои битолчани.
Офицерскиот дом, партијата чиј носител на листа сега е Дурловски, пред неколку години го објави на продажба, а потоа ја отповика одлуката соочена со протестите на битолчани, па домот за владеењето на партијата остана руина.
Сега Офицерскиот дом е во фаза на реконструкција, со еден милион евра пари од европските фондови
Киното Манаки започна да се гради во 2013 година кога градоначалник беше Владимир Талески, но и по завршувањео на неговиот трет мандат не беше ставено во функција. Сега оваа локална власт ентериерно ќе го уредува со околу 200 илјади евра