Офицерскиот дом по својата архитектонска убавина наречен уште и битолски Версај почнува да го добива новиот лик со реставрацијата која интензивно се изведува. Се реставрира фасадата, внатрешноста, концертната сала, се заменува дограмата со нова, но налик на претходната која изобилуваше со различни фирми, објектот се поврзува за уличната кабализациона мрежа, ќе биде спроведен и посебен сообраќаен режим и на крај хортикултурно ќе се уреди.
,,Нема да се изгуби она што како традиција сме го имале во градот и многу им значи на битолчани. Ова ќе биде дом на уметноста, во него ќе има низа културни настани, отворен за настани на невладини организации, на бизнис заедницата, но и за музејски поставки кои ќе бидат ферксибилни зашто градот изобилува со археолошки наоди кои ни се наоѓаат во подрумските простории на нашиот Музеј , артефакти кои ни битолчани ги немаат видено", рече градоначалничката Наташа Петровска.
Таа денес заедно со вицепремиерката Мила Царовска извршија увид врз реставрацијата на објектот во што се вложени 58 милиони денари обезбедени од Светска банка, во сработка со ЛРЦП и поддршка на Владата, а Општината обезбеди 2 милиони денари дополнително за канализациона мрежа. Планирано беше инфраструктурните зафати да завршат во ноември, но врз рокот влијание има и специфичноста на објектот и пандемијата со КОВИД-19, сепак од Општината најавија дека наскоро објектот ќе биде готов и ставен во функција. .
,,Ова е објект кој има своја историја и душа и може да привлече многу туристи. Интенција како Влада ни е да инвестираме во локален и регионален развој со што се придвижува локалната и регионалната економија. Овие објекти, нивното одржување , пласирање, создавање на историја за нивното минато, може да привлече и домашно и меѓународни туристи кои понатаму ќе ја придвижат економијата локално", рече Царовска.
Офицерскиот дом е граден во времето на Абдул Керим паша, на почетокот на 20 век. Последните десетина годино ги помина запуштен и руиниран. Во повеќе наврати беше префрлувана надлежноста врз него на повеќе Министерства и институции, а објектот се повеќе пропаѓаше. Владата на ВМРО-ДПМНЕ објави иоглас за негова продажба по почетна цена од 900.000 евра. Но, битолчани излегоа на протест и тогашниот премиер Никола Груевски ја стопираше продажбата, а објектот го пренесе во надлежност на Општина Битола.
Реставрацијата на објектот ја започна градоначалничката на Битола од редовите на СДСМ,Наташа Петровска што беше и нејзино предизборно ветување.