2win800x200

За Јени џамија се користеa оловен лим од Турција и варов малтер од Италија

Јануари 22, 2018

Заврши реставрацијата и конзервацијата на фасадата од Јени џамија, еден од најрепрезентативните историски споменици од отоманската архитектура во Битола, останат од 16 век. Координаторот на проектот Зоран Алтипармаков, инженер архитект и виш конзерватор во Завод и музеј Битола, вели дека со ова е вратен стариот лик на џамијата како пред пет века.  При  зафатот бил користен оловен лим за куполите од Турција и варов малтер од Италија.

 

„Првпат во Македонија се работеше со варов малтер  на толку голем објект. Таа техника е заборавена и не се применува на надворешна фасада зашто постои страв дека ќе се уништи.  Малтерот беше набавен од италијанска фирма која се занимава со реставрација. Тежината е во тоа што преку каменот мачкаш малтер, а тој е со нерамна форма“, објавува Алтипармаков.

По конзервацијата и реставрацијата на фасадата кај Јени џамија, планирано е да се стави и монтажна настрешница над ископаните темели од црква веднаш до ѕидот на џамијата. Истражувањата во изминатите години покажаа дека Јени џамија крие темели на три цркви кои датираат од 7, 11 и 13 век, а се смета дека едната од нив е некогаш најголемата црква во центарот на Битола, „Св. Ѓорги“.  При ископувањата беа пронајдени два печата, еден сребрен со ликот на Свети Ѓорѓи и друг со ликот на Богородица во молитва. За највреден пронајдок се смета пекторалниот медалјон врз кого се изгравирани позлатени фигури на светци.

Се претпоставува дека црквата „Св. Ѓорги“била епископија во времето на 11 век, во периодот кога тука живеел Гаврило Радомир , синот на Цар Самуил. Старите битолчани џамијата ја нарекуваат и Нал- џамиси или Потковица џамија, а според преданијата токму црквата „Свети Ѓорги“ во центарот на Битола била украсена со исцртана потковицата.. 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани