АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Триесеттина дела работени во техниката масло на платно се поставени во изложбениот салон на Магазата, чии автор е битолчанецот Слободан Рајчевски-Рајче.
Битолскиот уметник оваа изложба ја наслови „Куќи за сонување и соништа“, а сите слики се создадени од почетокот на оваа година до денес, особено за време на полицискиот час поради корона кризата.
-Инспирацијата за овие дела беше поттикната од карантинот за актуелната пандемија. Се затворивме дома и се оддалечивме еден од друг, се изолиравме и затоа ја направив „Куќата за сонување и соништа“. Кога веќе јас не можев да излезам надвор, ги пуштив соништата, и така со таков порив ги создадов овие слики. Некои соништа се страшни, некои се радосни. Затоа пуштете ги вашите соништа надвор од вас, тогаш сигурно ќе станат реалност, рече авторот Рајчевски.
Безвременските теми како секојдневие, суштинска посветеност на човекот, слики и доживувања како материјални мисли, длабок одраз на самобитисување и разголеност на сопствената душа , длабоко го опфаќа творештвото на Слободан Рајчевски, напиша во рецензијата м-р Јелена Петровска.
-На платната на Рајчевски бојата е доминантна, некои се крајно симплифицирани и без перспектива, додека другите кокетираат со апсолутно сликарство кое се врзува за субјективно и емотивно и рационално уметничко изразување , кое , не следи природни закони на бојата, текстурата, облик и простор, оценува Петровска.
Рајчевски досега реализирал три самостојни изложби. Актуелната изложба е финансирана од Министерството за култура на Р.С.Македонија. Организатор е НУ Центар за култура -Битола.