АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
За да не ја прекинат долгогодишната традиција и да не го прескокнат дочекот на Стара Нова Година или Василица, а при тоа да ги испочитуваат здравствените мерки за заштита од КОВИД-19, голем број битолски друштва вечерва одлучија да вртат мазник со паре он лајн, онака како што се одвиваат поголем дел од настаните во оваа пандемија. Граѓаните ги искористија можностите кои што ги нуди современата технологија, па се вклучија на некои од платформите што овозможува средба на повеќе луѓе во исто време и го завртија мазникот.
-Секој година се собираме десетмина од друштвото, па сега одлучивме да ги испочитуваме мерките, но и да звртиме мазник. Не се собравме затоа што не сакавме да ризикувме. Прво се вклучивме сите на месенџер, па домаќинот на кој што лани му падна парето го сврте мазникот. Потоа се исклучивме, тој помина кај сите ни остави по едно парче, се врати дома и пак се вклучивме. Баравме сите пред камера, велат од од едно битолско друштво за апла.мк
Битолските друштва велат дека иако ништо не може да ја замени дружбата за Василица, сепак се среќни што и во време на пандемија успеале да го направат адетот и да не ја прескокнат оваа година. Желба им е годинава да ни се врати нормалниот живот.
Инаку во Битола мазник на Василица врти секое семејство, потоа се врти на работните места, друштвата, дуќанџиите во старата чаршија...
Некои домаќинки се уште традиционално го месат мазникот, но во понов време, мазници за овој ден можат да се купат во секоја фурна во градот. Па така, во годините наназад, за да се направи адетот на овој ден се продаваа и по 40 илјади мазници, но, годинава од пекарите велат дека се далеку од оваа бројка. Многу друштва се откажаа од собирање за Василица.