АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Приказната од типот Копанки за сите се сведува во приказна Копанки за некои, рече поранешниот претседател на Советот Валентин Груевски, сега советник од опозиционата ЛДП на денешната седница на Совет на која се разговараше за издвојување на 2 милиони денари од буџетот на Општината за Копанки. Груевски рече дека планинарскиот дом е приватен имот на Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ и досега не се случило Општината да гради туѓи имоти, посебно не комерцијални каков што ќе биде овој. И доколку го изгради нема гаранција дека по неколку години сопствениците нема да го продадат. Па, затоа предложи делот од Програмата за уредување на градежно земјиште каде се предвидува издвојување на 2 милиони денари за реконструкција на Копанки да се надополни со условот кога домот ќе стане општински.
„Копанки е приватен имот. Не е на Општина Битола, не е на државата, туку е во сопственост на ПСК Пелистер. Приватен имот. И тука треба да ја направиме првата линија. Приватен имот Општина Битола никогаш не правела. Приказната дека се работи за здружение на граѓани кое не е приватно, не проаѓа бидејќи тоа здружение ако не денес, по две-три или десет години може тој дом да го продаде. И никој од нас нема да може да рече - стоп. Копанки покрај планинарски дом ќе биде и комерцијален објект. Сите што се надеваме дека ќе одиме на Копанки и ќе пиеме чај од 20 денари, да си ја заборавиме приказната. Ние како општина на ниеден начин нема да можеме да ги регулираме цените. Приказната од типот Копанки за сите се сведува во приказна Копанки за некои. Јас такво нешто не можам да поддржам и нема да ја гласам програмата поради сомнежот дека некој од тоа ќе сака да направи бизнис“, рече Груевски.
Тој со иронија додаде „Ако градиме приватни имоти тогаш зошто не изградиме уште еден кат на Шумски фенери и тоа ќе го поттикне развојот на туризмот? И предложи „во програмата да ставиме една реченица која ќе ги спречи сите малверзации во наредниот период-реконструкцијата на планинарскиот дом Копанки да почне веднаш штом стане општински имот. Сумата од 2 милиони да скокне на 6 милиони и во овој мандат да го направиме. Нека дојди под Општина Битола, а ПСК Пелистер 30 години нека го стопанисува. Ама тешко е да се прифати, знам кои се интересите, ќе се случува истото како и во погорните домови’’.
Советникот Иван Чулакоски од Поинаку, советничка група која пред изборите потпиша Меморандум за соработака со ПСК „Пелистер’’ му возврати: „личните суети и борбата за докажување наше е, ваше е, не̍ има донесено дотука. Не само за Копнаки туку за цел град“.
„Начинот на кој ќе се регулира изградбата на Копанки ќе биде предвиден со еден договор на кој заеднички работат ПСК Пелистер и Општина Битола, со која секоја инвестиција што Општина Битола законски е можна да ја направи и за приватен објект кој е од заеднички јавен интерес на битолчани. Не е така едноставна приказната како што ја ширите дека ПСК Пелистер утре ќе можи да го продаде домот. Нема да е така едноставо и нема да бидат цените како што кажувате. На крај ќе ја завршам приказната за Копанки со едно прашање лично до вас = За Германците сте вие претседателе, или за партизаните? “, праша Чулакоски.
Груевски со одговор: „За партизаните, ама за вистинските. Не за партизаните од интерес. Вистинските се бореа, а овие од интерес си го чекаа интересот’“.