АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пишува: Мирослава Бурнс
Вработените во Управата за водење матични книги бараат суштински промени во нивното функционирање на институционално ниво. Првиот проблем со кој се соочуваат се парите, односно нивните исклучително ниски плати. Штрајкот кој траеше седум недели во оваа институција е ставен во мирување, затоа што ветени им се нов колективен договор, критериуми за годишен одмор, платени и неплатени отсуства, надоместоци на плата и дрги примања, исплата на регрес за годишен одмор, додаток на плата, исплата на јубилејна награда итн. Вработените се пожалија дека некои од нив земале плата од само 14.700 денари. Директорот на Управата Блерим Абази, ветил дека ќе се заложи во буџетот за 2023 година да се предвидат повисоки плати за вработените, а за покачувањето на примањата пратил иницијатива до Владата која треба да изнајде решение во најкус можен рок.
Граѓаните, пак, имаат свои поплаки и проблеми поврзани со работата на Управата.
Лоши оценки за нејзината работа во 2019 година дава и Државниот завод за ревизија. Според Извештајот на Државниот завод за ревизија, матичарите згрешиле 21.957 изводи, односно ги издале со погрешно внесени податоци. Издадени биле и бесплатни изводи, односно има буџетска дупка од милион денари за згрешените изводи бидејќи толку пари не се уплатени на Управата, а над два милиона денари административна такса не е уплатена во државниот буџет.
Но, финансиското работење е само еден од предизвиците со кои се соочува оваа институција.
,Граѓаните се жалат на погрешни податоци, доцнење во издавањето на нивните документи, нељубезност на службениците, долги редици пред шалтерите, како и проблеми со онлајн нарачките на изводи. Преку поралот е-услуги, овозможено е да се побара на домашната адреса да ви пристигне извод од матичната книга на родените или пак венчаница, но и покрај уплатата на административната такса и точно наведените лични податоци граѓаните велат дека понекогаш документите воопшто не ги добиваат и повторно мора да ги бараат со физичко присуство трошејќи ги своите време и пари. Кога стапија во штрајк пред седум недели, вработените во Управата за водење матични книги побараа потпишување колективен договор, покачување на платите од 30 проценти, линеарно покачување на платата согласно растот на минималната, како и да им бидат признаени звањата со што ќе бидат распределени на соодветни позиции според својот стаж. Колективниот договор се потпиша, но за делот со парите матичарите сè уште чекаат на Владата.
Во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Северна Македонија на патот кон Европската Унија, во делот за администрацијата во државата, нотирано е дека е потребно да се донесе нов Закон за организација и работа на органите на државната управа со цел да се рационализира институционалната рамка, да се елиминираат надлежностите кои се преклопуваат и да се подобри ефикасноста на администрацијата. Овој заклучок е донесен откако заврши функционалната ревизија на 139 институции на централната власт. Европската Комисија нотира дека потребни се континуирани напори за ефикасно вклучување на раководната одговорност низ целата јавна администрација. Во извештајот се додава дека државните институции мора да покажат поголема посветеност за давање услуги преку националниот е-портал и да ги охрабрат граѓаните да ги користат е-порталот и електронскиот регистар на населението со нивниот целосен потенцијал.
Во делот на препораките во Извештајот се додава дека во наредниот период земјата особено треба да ги донесе и да ги спроведе ревидираниот Закон за административни службеници, Законот за вработените во јавните служби и Законот за висока раководна служба; да го донесе и спроведе Законот за организација и работа на органите на државната управа и други поврзани закони во согласност со препораките за новата организација на органите на државната управа; да обезбеди целосно спроведување на Законот за општа управна постапка.
И во Извештајот на „Метаморфозис“ за следењето на реформите насловен „Администрирање на администрацијата“, се наведува дека посебен проблем околу законската рамка е донесувањето на Законот за висока раководна служба кој се усогласува и се подготвува веќе три години, но ниту еднаш не дошол на седница на Влада за да биде одобрен и да оди во процедура во Собранието. Во овој Извештај се посочува дека дополнителен проблем е тоа што се чека усогласување и изменување на над 200 закони за да се овозможи процесот на давањето на е-услугите на граѓаните, но и за да се забрза процесот на дигитализација на администрацијата.
Колективниот договор кој за првпат беше потпишан годинава и предизвика вработените во Управата да го стават штрајкот во мирување, уредува многу досега недефинирани прашања кои треба да ја подобрат работата на оваа институција која е клучна за граѓаните. Сепак, во него останува недефиниран еден дел од финансиите за вработените. Претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), Марјан Ристески, тогаш посочи дека дел од проблемите почнуваат да се решаваат и дека уште во јули очекува зголемување на платите од 2.806 денари.
Така што, ќе остане уште мал процент до оној што го бараат вработените и по пратената иницијатива од директорот, се надевам дека следната недела ќе имаме разговори во Министерството за финансии. Кога ќе се одземат тие 2.806 денари што ќе ги добијат сите јавни службеници, остануваат уште до 10-15 проценти што мислам дека не е огромна сума за државата, изјави Ристески.
Претседателот на Синдикатот на Управата за водење матични книги, Тони Милошески посочи дека работата на службениците во Управата е исклучително одговорна, бидејќи секој документ што тие го потпишуваат може да заврши во која било институција во и надвор од државата. И покрај тоа, во Управата, како што вели тој, има луѓе кои работат со децении, а го носат истото звање, односно немаат напредување во кариерата.
Имаме колеги кои работат и по 30 години, а уште се помлади референти. Има колеги што земаат 14.700 денари, не земаат уште цела 15.200 што беше минимална плата, која нормално сега треба да биде 18 илјади, изјави Милошевски.
Во анализите на граѓанскиот сектор забележани во Извештајот на „Метаморфозис“, се поздравува напорот за воведување дигитализација во водењето на матичните книги уште пред носењето на законите за дигитализација од 2019 година. Освен ова, се даваат и препораки какви треба да бидат измените на законите за лични и патни документи:
Посебните закони за лични документи, вклучително и изводите, треба да се подредат што е можно попотполно на трите закони за дигитализирана администрација, а во духот на ефикасната и евтина постапка, која е темелен принцип на Законот за општа управна постапка (ЗОУП), како и на Европската повелба за темелните права во делот каде што се објаснува правото на добра администрација. Слични забелешки имаме и во однос на другите закони за лични документи обработени во студијава, како и придружните стратешки документи за дигитализација, кои ќе ги сумираме во заклучоци и препораки.
Околу моментната состојба со услугите што ги нуди УВМК, се посочува дека дел од тие услуги што треба да функционираат електронски, функционираат со послаб квалитет отколку пред две години, а причината не е прецизно позната.
Заменичката на народниот правобранител, Сузана Салиу при гостувањето на ТВ „Телма“ (09.03.2022), кажа дека имаат многу поплаки за услугите од УВМК. Таа појасни дека поплаките се и за електронското барање и доставување на документите и околу документите поврзани со починатите лица, но и со државјанствата. Станува збор за повеќе стотици граѓани, кои чекаат на проверка за добивање државјанства, како и проблемот со околу 900 граѓани кои имаат два матични броја.
Салиу прецизно ја опиша можната причина за поплаките на граѓаните и за работата на УВМК, но и генерално за државните институции:
Долго време работам во НП и можам да кажам дека сум и меѓу основачите на оваа институција и, за жал, можам да кажам дека и по 25 години од НП државните институции немаат култура за почитување на човековите права. Тие не се свесни дека треба да бидат сервис на граѓаните, а не сопственици на нивните права.
Последното зголемување на минамалната плата во државата на 18.000 денари уште еднаш ја покажа потребата од реформа во системот на плати во јавната администрација. Во јавноста постои генерално убедување дека административците или вработените во јавен сектор имаат „висока плата за мала работа“, што може да се утврди само ако се следат сите дебатни емисии во медиумите каде што учествуваат и граѓани. А, дека платите во однос на продуктивноста се доволни, може да се слушне дури и од раководни лица во институции од централната власт, како што беше неодамнешната изјава на директорт на ФИТР. Но, уште од претходно, високи претставници на извршната власт изјавувале и изјавуваат дека имаат проблем со системот на плати, особено во некои области од јавниот сектор, а уште повеќе кај вработените во органите на државна управа (околу 16 илјади лица од вкупниот број вработени во јавниот сектор), при што и поради платите, квалитетни кадри од овие органи го напуштаат јавниот сектор. Уредбата на Владата на РСМ од август 2021 година овозможува во централните институции на извршната власт да се воспостави можност на 30 отсто од вработените да им се исплаќа додаток на плата до 30 отсто поради тежината и специфичноста на работата.
Во меѓувреме, штрајкот на вработните во УВМК е ставен во мирување до 20 јули 2022 година кога се очекува да се реши финансискиот дел во веќе потпишаниот колективен договор. На потег за ова прашање е Владата.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар