Пишува: Александар Литовски
Денес, како што гледаме, неолиберализмот сè доведе во состојба на релативност. Ништо не е сигирно познание. Сè е превртено на глава: црното е бело, денот е ноќ, фашизмот е антифашизам, вистината е лага, ропството е слобода, кукавичлукот е херојство, криминалот е чесност, дезинформација е информација, сиромаштијата е богатство, незнаењето е знаење... На секој чекор има примери кои покажуваат дека живееме во светот литературно проектиран како негативна утопија.
Фучи глупавиот антикомунизам на сите страни. Деновиве, не може да се направи разлика меѓу зборовите на нашите глупави антикомунисти и пропагаторите на големобугарската националшовинистичка кауза. После цели триесет години, за сите нив комунизмот, сè уште, им е виновен за сè. Нашиве антикомунистички мајмуни врескаат дека наводно заради комунистичкото минато „не може да направи исчекор кон Европа“, што е грандиозно глупава теза заради јасновоочливиот факт дека низа земји со комунистичко минато одамна се претставени во Брисел. Нашиве скудоумни професори и раскошни антикомунистички празнозборци тврдат дека „Македонија сиве години негува искривен комунистички историски наратив“ што е сосема идентично со бугарските негатори на македонскиот национален идентитет. Истоветноста на лажните тези кои се гракаат од двете страни на нашата источна граница нужно сугерира, или дека постои природна антимакедонска и неофашистичка „коалиција“, или дека сите овие антикомунистички папагали се финансирани од ист антимакедонски центар.
Наспроти неиздржаните антикомунистички дрдорења и жалби, фактички ние цели триесет години сведочиме изразит јавен антикомунистички дискурс. Триесет години ни ја „препрочитуваат“ и „прекројуваат“ најновата историја и ја „чистат“ од непожелни „комунистички“ и „македонистички“ примеси. При тоа, воопшто не им е грижа за вистината и научните принципи на историографијата. Триесет години во јавноста е присутен јасен пробугарски исихазам за бугарските злосторства. Со децении се молчи за суровите ѕверства кои бугарските „ослободители“ и декларирани „антикомунисти“, му ги подарија на „ослободениот“ македонски народ. Наспроти тоа, триесет години се брмчи за измислени „комунистички злосторства“. Триесет години, дури и од носителите на највисоките државни функции (премиери, министри, пратеници...) непрестано се верглаат антикомунистички флоскули, се презентираат противмакедонски тези и „аргументи“, а низа политичари и професионални шпиони ни ја „пишуваат“ антикомунистичката „нова и модерна“ историја. Државата македонска, што е типична национална психопатологија со оглед на асномската државотворност, исфинансира купишта книги, филмови, документарни емисии, „научни“ симпозиуми, изложби..., со антикомунистички, а на моменти и со јасни антимакедонски, содржини. Се изградија споменици на ноторни албански и македонски фашисти, се отворија цели музеи со антикомунистичка тематика, а во кои најголемите македонски фашистички крвници добија незаслужено место. И, после сè тоа, после сета заглушувачки гласна и одвратна антикомунистичка хистерија, некои кај нас, сè уште, ги бладаат и преповторуваат бугарските и балистичките тези дека негуваме „искривен комунистички историски наратив“ и дека сме живееле и живееме во „политички комунистички конструкт кој е остаток од југословенскиот тоталитаризам“. Луѓето од оваа наша земја слушнале многу глупави глупости, ама се чини никогаш толку големи небулози какви што последните денови тресат нашите полуписмени антикомунистички и врховистички вампири.
Наспроти антикомунистичкиот и профашистички молк на јавната македонска сцена за ѕверствата против македонските патриоти од времето кога фашистичките антикомунисти „администрираа“ по македонските села, градови, низини и планини, би ги пренел автентични зборови од еден партизански документ, од март 1944 година, каде, буквално, е запишано и следното: „По повлекувањето на I МКУБ [Првата македонско-косовска ударна бригада] од с. Никодим, одма упаднала буг.[арска] војска, која ги собрала сите селани на сред-село и офицеро (ко шо кажува, бил гестаповецо поручник Кацаров) ги тепал со камшик, карајки им е мајката зато шо биле „сичките комунисти“. После тоа дошто бил маш во селото: крив, сакат, болен и сл.[ично] све собрале и ги донесле во Прилеп... Во Пр.[илеп] се држани 6 дена, саслушавани по неколку пати, поединци од ним прилично тепани. Во Никодин има изгорено 4 плевни... 2 партиз[ани] убиени и фрлени кај воденицата Плетварска и 6 мина над воденицата, кај чешмата. Сите голи слечени и дупени со ножој. Од ними познале 1 от Пр[илеп], 1 од Дебарца, 1 од Преспа, другите не се знајат... 7 наши борци кои се склониле во Крапјанските колиби, издадени сет от страна на Дражиќевците на буг[арската] војска и сите се ватени. Тие ги однесле на „Барбарас“ [близу до Дебрешките чешми], каде добиле нареѓење да ликвидираат со ним. Прво се слечени голи, па после стрељани. От како ги истепале, прајле от ними 'крстица' каде другарката која била измеѓу ними е кладена најзгора. Некој от буг[арските] војници барале да видат дали е убиената другарка жена или девица и е дупеле со ножојте измеѓу бутојте и вршеле разни други мизерии. После неколку дена Дебрешките селани ги закопале. Над Десо[во], от буг.[арски] заседи, убиени се 4 другари... Сите 4-ца недотепани слекувани се голи и поново стрељани на растојање от 2 метра. Со ними била 1 др-ка [другарката], санитарка. која е била ранета на 9 места, но успева да се довлечи до 1 трло и бидува спасена... Се знај уше за 1 борец кој бил фатен кај тунело [Богомилски]. Него го прашале шо е по народнос. Тој одговорил „Македонец - болшевик“. Кога почнале да му поставува уше прашања му се здодејало и му извикал: 'Доста бе кучиња. Си е продадовте вашата земја, па сега дојдовте и нашата да е продавате и ги убивате незините најарни синој'...“
Бидејќи ваквите историски факти („Македонец-болшевик“) се јасно прокомунистички и промакедонстички обоени, на крајот треба да се постават, барем, неколку реторички прашања: Кој ги крие со децении ваквите сознанија од минатото на Македонија? Кој антикомунистички центри вршат историографска цензура? И до кога во име на „европскиот пат“ ќе се убива вистината и македонскиот национален идентитет? А, во контекст на фактот што исти ликови еднаш се носители на антикомунизмот и бугаризмот во граѓанско (?) здружение „Тодор Александров“, а еднаш во „Клуб Ванчо Михајлов. ВМРО“, да прашаме, па оние наши „големи историчари“ и „конзервативни демохристијански политичари“, кои со децении ни го рехабилитираат врховизмот преку ликот и делото на Тодор Александров, да ни објаснат: Која е разликата меѓу Ванчо и Тодор? И, дали наредниот монументален споменик, исто онаков како постојниот во скопска Кисела Вода, ќе биде за Тодоровиот личен секретар Ванчо?
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)