Пишува: Александар Литовски
Заради глобалните идеолошки трендови и изменетиот геостратегиски атлас, доминантна идеолошко-политичка парадигма стана неолибералниот капитализам, кој, пак, на полето на историографијата и историското паметење ги фаворизира антикомунизмот и националистички фикции со носталгија за „големи држави“. Така, кај нас, впрочем како и во сите постсоцијалистички земји, „политиката на производство на сеќавања за славното минато“ и политиката на создавање суров националшовинизам, станаа омилени полиња за работа на десните, демокристијанските и профашистичките општествено-политички сили. Левицата, пак, целосно идејно се загуби во просторот и времето... Затоа нижеше и ножи - порази.
Новата македонска економска елита имаше и има потреба од свој историски наратив, па нејзината пропагандно-политичка машинерија и со неа поврзаните научни и културни „индустрии“, започнаа да произведуваат колективни сеќавања кои се темелат врз десничарските, врховистички и балистички, антикомунистички традиции. Практичната операција, навидум, беше и е едноставна: од едната страна, се одбираат полувистини и селективни факти од реалното десничарско и фашистичко историско минато и сето тоа, заедно со радикалниот национализам, се глорифицира, а од друга страна се измислуваат огромни количини на факти за оцрнување на социјалистичкото и антифашистичкото минато, со употреба на масивна антикомунистичка реторика со која се демонизираат носителите на левичарските, а во македонскиот случај, и македонистичките општествени процеси.
Тоа се процеси кои треба да доведат до колективен заборав македонски, за злото антимакедонско кое пред повеќе од половина век се тркалаше низ Татковината и се закануваше да однесе во неврат сè што имаше македонска национална свест и се бореше за македонски национални и социјални права. Граѓаните македонски преку тие анационални процеси треба да го заборават злосторничкото време кога светот се тресеше од темели, Европа беше покорена, а Адолф Хитлер ликуваше во Прага во годината 1939, во Париз во 1940 и пред Москва во 1941. Треба да игносцираат дека Царот Борис Сакскобурски и бугарските владеачи, како и албанските балисти, експанзионистички се осојузуваа со силниците на денот, со мисла дека ќе ја добијат Македонија на тацна и вечно ќе ја владеат. И, како што непорекливо сведочи Историјата, како верни фашистички слуги и џандари, привремено, ја добиваат можност да окупираат делови од Македонија. Македонците треба да заборават дека додека некои под знамињата со кукасти крстови слават, обединување на бугарското и албанското племе, многумина слободољупци кои не сакаа да живеат под жезолот на Борис Обединителот, затоа што ниту се чувствуваа Бугари, ниту беа фашисти, заминаа в планина, со оружје в рака да се борат за својата слобода. Дека тие патриоти македонски токму заради тоа беа прогласени за „бандити“, а главите им беа уценети и беа гонети како диви ѕверки, дека беа затварани во кафези, најѕверски измачувани и безмилосно убивани. Со таквата амнезија македонска, некои денес, осумдесеттина години подоцна, сакаат да стигнат до амнестија на фашизмот и антимакедонизмот. И до нов процес на денационализација и асимилација на Македонците.
Тоа се антицивилизациски процеси кои треба доведат до општ заборав македонски дека во тоа време кога Јупитер беше намуртен, во тоа бугарофашистичко и балистичко време на лудило и смрт, имаше некои македонските заљубеници во белини, кои по жега и пороен дожд, по мраз и снег, низ магли и меќави, под константна опаснаст од физички иследувања и смртни осуди, под опасност од канонадата од куршуми, од Мегленско до Кумановско и од Преспа до Меглен и Беласица, започнаа, во тие моменти, една нерамноправна и, навидум, неперспективна националноослободителна борба. Тоа се процеси за да си го заборавиме сопственото херојско време во кое некои наши млади „утописти“ испитуваа колку далеку е македонската Слобода и дали таа може да се дофати? И покажаа, за жал на денешните балисти и врховисти, дека со доволно верба и упорност, таквиот „неверојатен“ потфат може да биде успешен.
Наспроти тој слободољубив лет кон ѕвездите, денес, во една крајно антимакедонска атмосфера, во време кога од своите дупки како стаорци исползија сите бугаро-врховистички и албано-балистички следбеници, па почнаа да квичат на јавна сцена, некои од нашите инфантилни политичари, заради ситното политиканство и плитка желба за власт, започнаа да ги релативизираат фашизмот и антимакедонството. И да ги продолжуваат преговорите, би рекол, за одмакедончување на Македонија. Крајно време е луѓето од оваа наша прекрасна Македонија да сфатат дека хипомнезијата е храна на несреќата и заради тоа треба да ги отфрлат сите оние кои сакаат да ги претворат во безлични зомбија кои немаат никаква меморија за себе и своите. А, во секој случај, обидите за идентитетски инжинеринг преку „процеси“ на бришење на македонистичката и антифашистичката меморија, сè додека постои нешто што може да се нарече македонска национална свест, ќе останат запишани како една жална и срамна страница од нашата национална опстојба.
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)