2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Академската кариера во очите на еден апсолвент (Пишува Васко Гичевски)

Септември 28, 2019

Честа тема во медиумите е неквалитетното, образование, немањето на основни и минимум услови за работа и преживување од научната работа. Во овој текст ќе се обидам да дадам еден личен теоретски пример како тоа изгледа практично.

За секој студент, кој се залага, едуцира и тежнее кон некаква научна кариера подолу представеното е совршено јасно и болно. Како студент со просек 10.00 на Институтот за историја на Филозофски факултет, решавам да градам академска кариера. Запишувам постдипломски студии за степен магистер вложувам 1821 евра за основните партиципациски трошоци, кога ќе се додаде тука квалитетно изработен труд со истражување, странски престои, сума сумарум минимално 10 000 евра. Се пријавувам за демонстратор да не го арчам времето туку така, да стекнам некое искуство, работам, а за возврат добивам нула денари. На некој чуден начин по две години тежок пост и молитви до некоја виша сила да преживеам и економско исцрпување на моите родители станувам м-р. Васко Гичевски. Идеалистички настроен решавам да се запишам на докторски студии, плаќам партиципација 4.500 евра(ова е цената од ИНИ од ФЗФ не успеав да пронајдам во конкурсите) кога ќе додадам тука уште 10 000 евра за квалитетно ама со скромни средства истражување само докторатот би ми излегол 14.500. Во меѓувреме се вработувам како асистент и земам 25 000 денари плата. По определениот рок станувам др. Васко Гичевски.

Доаѓа момент да се пресметаме: за прв степен студии за 4 години сум дал 16 000 евра плус за магистратура уште 13 821 евра плус 14.450 евра за докторат и се вкупно 42.271 евра до степен доктор на науки. За возврат сум добил работно искуство и плата од 25 000 денари, во Скопје каде киријата и сметките се вкупно 400 евра,па ако останало нешто пари, чат пат и сум каснал нешто. Во овој процес сум продал што сум можел да продадам од имот на моите родители за да се доедуцирам и сега сум на рамниште нула, со неизвесна понатамошна кариера. Во превод е сосема неисплатлива инвестиција и само еден чин кој се повеќе губи на значење кога многу од факултетите, со моделите 3+2 студирање, ги приморуваат студентите да ги фрлат парите во ветер, а тоа пак резултира со бројни неквалитетни и неспособни кадри пред задачите кои им произлегуваат сходно на високите титули. Не само што се повеќе не е исплатливо, туку се повеќе е срам да имаш титули, кои стојат на тебе како медали со кои си голем воен херој, ама забораваш да кажеш дека си ги купил од пазар а медалите се од Првата Балканска војна. Воедно и чест на исклучоците чесни и трудољубиви колеги, кои тргнале на трнливиот пат, и гордо и чесно се движат по него.

Дијалектичкиот заклучок кој се наметнува е дека самата помисла да се занимавате со научна работа во нашата држава е едноставно, материјално неизводлива и надвор од секоја економска логика. Држава без развиен примарен и секундарен економски сектор, воопшто не може да помисли дека може да вложува и да го развива терцијалниот сектор, во кој образованието и науката го заземаат кардиналното место. Политизацијата на образовниот процес, долгогодишно невложување ниту во техничките услови, ниту во наставно научниот кадар, а првенствено пропаста на основношколскиот и средношколскиот степен на образование се коренот на целата оваа ситуација.

Согледаните ситуации се реални и постоечки, но останува прашањето како да се најде решение на истите овие проблеми. Решението иницијално треба да дојде од државната инстанца која е одговорна, но да се решава од најниското ниво. Без спроведување на коренити промени во основното и средното образование не може да стане збор за било каква позитивна промена во високото образование. Кон ова треба да се додаде дека се до оној момент додека државата нема доволно развиен економско производен процес, таа во суштина не е способна да спроведе ништо особено во терцијалниот сектор. Гледајќи вака всушност ќе сфатите дека во суштина нашата држава, постои само формалистички и дека нејзиниото постоење е само товар за нејзините граѓани кои се заробени во еден бесперспективен вакуум на политички „промени и реформи“ кои сами ги финансираат, кои сами ги избираат и од кои во краен случај самите страдаат. Апстрахирањето на народот од одговорноста за целокупната политичка состојба, економска состојба, односно севкупноста „ држава и општество“ е невозможна и недозволива работа!

* Бројките за партиципациите се земени од конкурсите на УКИМ а цените на истражувањето се произволно мое гледиште, која сума би ми била доволна за да сработам нешто а со гордост да се нарече магистерски/докторски труд.

Васко Гичевски студент на Институт за историја при Филозофски факултет, УКИМ Скопје

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани