2win800x200

Занаетите и вештините во служба на образованието (пишува Проф. д-р Цвете Димитриеска)

Август 15, 2020

 

 

Проф. д-р Цвете Димитриеска, универзитетски професор-Технички факултет Битола.

Да ги тргнеме децата од „плавата“ светлина на смартфоните која им е судена, која на децата им го прави денот ноќ, да и' ги вратиме на „природата“!

 

 

Во услови на безизлез, можеби има и некој мал процеп од кој ѕирка зрак светлина, но не од монитор....

Деновиве, секојдневно сме оптеретени со тоа дали класична настава, дали на далечина, дали комбинирана, испреплетено со аргументи за и против... Форуми, изјави, размислувања, препукувања... се е во ред. Но до кога? Германија тргна но ретерира, а Кенија ја „брише“ од календарот 2020! Времето тече, проблемите се тие, мора да се бара решение и тоа оптимално, со јазикот на инженерите. Искуството вели, кога системот има повеќе непознати од равенки, тој едноставно не е решлив. Но, ако вака се решавале проблемите низ историјата, сеуште ќе учевме на свеќа, не on-line.

Во продолжение од мене зборува пред се родителот, а потоа даскалот. Претставник сум на генерации кога се негуваа традиционалните вредности, кога не беше срамота да знаеш или барем да се обидуваш да знаеш безмалку се, да готвиш, да црташ, да шиеш, да плетиш, да садиш, да одгледуваш, да бидеш моден креатор, да правиш специјалитети, да глумиш,  да пееш, да свириш, што ли уште не.... не сме свесни колку е долг овој список на „стари“ вештини, како што би рекле новите андроидни генерации.

Што ќе им фали ним на учениците мислам, на родителите, на школството, на државата, ако децата знаат вештина плус? Што е лошо ако следните 4 месеци или повеќе ако треба, во услови кога ловиме вештерки по продавници, маркети, на работни места, на отворено, затворено, борејќи се нешто што нема име и презиме, туку има само отисок, учениците да добијат диплома за стекната вештина, изучен занает, креација, макета, иновација, уникатно дело?

Затоа предлагам и колку да бидам нападната, неразбрана, смела, стереотипна, решение кое ќе ни ги врати децата во секоја смисла на зборот. Ајде да им дадеме шанса, со вештите рачиња и раце, на најмалите, поголемите и матурантите, кои се со бистри мозоци, кои ќе се сложите се побистри од нашите, да ја истурат својата креација, имагинација, вештина на маса, да ја преточат во дела, ајде да ги слушнеме нивните ораторски способности, желба за ликовно, литературно изразување, пеење, глума, експериментирање. Да ги одмориме од Њутн, Фарадеј, Платон, од Битката на Марица и од „За потеклото на видовите“. Можеби некој од нив сака да прави наќит, некој сака да слика, да црта, да пее, да копа, да сади, да одгледува, да работи бакрорез, да калеми овошки, да „поправа“ струја, да поправа коли... Со еден збор предлагам, учениците да кажат во следните 4 месеци и повеќе ако треба, што сакаат да учат. Долга е листата на вештини, занаети, кои во обид да ја составам и самата се изненадив колку е бројна. Уште подолга е листата на наставен кадар, стручни лица, инфраструктурни можности со кои може да се реализира ваквата идеја. Нека се групираат учениците, нека се изјаснат според својот интерес и склоност кон вештини, занаети, креативност, иновативност, да ги засукаме ракавите и на работа. Од ова ќе се има само фајде, никако зијан! Да ги тргнеме децата од „плавата“ светлина на смартфоните која им е судена, која на децата им го прави денот ноќ, да и' ги вратиме на „природата“!

Историјата памети вакви „прекини“ од непознати или можеби познати причина, кога се прави рестарт, кога човештвото е доведено во ситуација да хибернира, имало војни, болести, несреќи. Затоа, едноставно за мир во душата, семејството, за здрава нација и држава, мора да се престроиме. Порано, не така далеку, не ја давале момата на човек без занает, а и обратно момата морала да знае да води домаќинство! Има голема мудрост во ова! Па на крај на краевите, човекот не еволуирал и до толку, пак има глава, тело, а сега и поголеми уши! А и еден мој, многу почитуван професор велеше, кокошки по телефон не се ранат! Колку бил во право...

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани