Советничката Софија Ристевска-Петрушева: Малото девојче ми го нападна куче бездомник. Сигурно во Битола има два објекти каде што ќе може да ги собереме бездомните кучињата, ако треба да вработиме и луѓе?

Јануари 03, 2026

Ситуацијата со бездомните кучиња во Битола, беше темата на која советничката на СДСМ Софија Ристевска-Петрушева зборуваше на последната седница на Советот на Општина Битола и предложи можни решенија.

„Ми се случи малото девојче да ми го нападне куче, на моја пријателка детенцето и го нападна куче, на моја друга пријателка нејзиното домашно милениче беше нападнато од бездомно куче. Насекаде гледаме дека луѓето се напаѓани од кучињата. Е сега, ние плаќаме за каснување од бездомно куче 1000 евра. Ние ги лечиме симптомите, наместо да го решиме проблемот. Мора да се реши проблемот“, рече советничката на СДСМ Софија Ристевска-Петрушева зборувајќи за хуманиот третман на бездомните животни во Битола, на последната седница на Советот на Општина Битола.

ЈП Коминалец Битола со бездомните животни пoстапува на принципот, залови, стерилизирај, вакцинирај и врати.

Во прифатилишттео „Хачико“ има 450 единки и за тоа градот на годишно ниво троши 10 милиони денари или 163 илјади евра. Оттука советничката Ристевска-Петрушева вели:

„На улица имаме 750 бездомни кучиња. Јас сум малку повеќе загрижена за бездомните кучиња и го прашав и градоначалникот, а тој ми објасни дека со време овие животни ќе бидат третирани и враќани на улица. Со време тие нема да се размножуваат и така ќе се намали популација на бездомни животни, но тоа ‘со време’ по слободна проценка може да биде и десет години. Што ќе правиме ние дотогаш?“, рече советничката Ристевска-Петрушева и праша - дали треба да се зголеми капацитетот на прифатилиштето „Хачико“ за двојно повеќе?

„Дали треба да издвоиме и пола милион евра или еден милион евра? Ова е насушен проблем. Јас навистина сум загрижена. Секој еден граѓанин на градот е загрижен. Секако дека треба да се третираат, хуманост секако, но сигурно во градот има два објекти каде што ќе може да ги собереме кучињата, ако треба да вработиме луѓе? Да немаме популација од 750 до 800 кучиња. Одделно кучиња доаѓаат во нашиот град, ги оставаат. Ситуација е алармантна и јас сум загрижена. Многу граѓани се жалат дека си го ограничуваат движењето поради кучињата“, рече советничката на СДСМ Софија Ристевска-Петрушева.  

А.Блажевска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани