АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Шеесет проценти од ромското население во Битола има недооформено основно образование, а која било мерка во Агенцијата за вработување задолжително налага завршено основно или средно образование. Во моментов, во Битола нема активни мерки кои ќе овозможат тие да го дозавршат основното образование. Иако потребата на фирмите во Пелагонискиот Регион од нискоквалификувана работна рака е над 80 отсто, тој капацитет не може да се исполни, а има толку неквалификувани лица меѓу ромското население.
Ова се резултати од истражувањето за можностите за подобрување на вработувањето на ромското население во Битола, спроведено преку проектот „Баир, здружена акција на Битола за вклучување на Роми“, финансиски поддржан од ЕУ, а спроведен од „Преда плус“, COSV од Италија и Општина Битола. Со истражувањето беа опфатени 31% од ромското население во Баир, Агенцијата за вработување и 17 претпријатија.
„Неможноста за наоѓање работа поради недооформено образование и недостатокот на квалификации и вештини кои би ги направиле Ромите да бидат конкурентни на пазарот на трудот им дава чувство на безислезност. 31 процент од луѓето кои живеат овде кажале дека имаат работа, но во тој процент спаѓаат и привремени вработувања, сезонски, вклученоста во неформалниот сектор како собирање отпад и земјоделство, кои не го решаваат нивниот проблем со вработување“, вели Лидија Ангелкова од фондацијата „Преда плус“.
Ремзи Медик, член на тимот за поддршка, нагласува дека во последните неколку години има пад на процентот на лица кои завршуваат основно, средно и високо образование.
Според истражувањето, над 67 проценти од ромското население е корисник на некаква социјална помош. Мерките што ги нуди државата преку социјалните бенефити помагаат Ромите да се снајдат со големите егзистенцијални проблеми, но од друга страна, ги поттикнуваат да се вклучат во неформалниот сектор на вработување.