2win800x200

Џабир Дерала за БГНЕС: Антиевропските сили во РСМ сеат омраза кон Бугарија

Август 14, 2023
Фото Цивил Фото Цивил

Во Република Македонија има сили кои гледаат кон исток и не сакаат нашата земја да стане членка на Европската унија, како што не сакаа да влезе во НАТО. Оваа реторика е поттикната од пропагандата која доаѓа од Москва.

Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е сосема нормално. Со тоа ќе се откочи процесот на пристапување на Република Македонија во ЕУ каде ќе седнеме на иста маса со Бугарија и ќе ги решаваме проблемите.

Ова во интервју за БГНЕС го вели познатиот македонски новинар, писател и продуцент Џабир Дерала.

Тој истакна дека во Република Македонија, истите политички, бизнис и медиумски кругови на секој начин се противат на евроатлантскиот пат на земјата.

„Во РСМ има сили кои гледаат кон исток и не сакаат нашата земја да стане членка на Европската унија, како што не сакаа да влезе во НАТО. Тоа се истите структури кои не сакаат РСМ да се приближи до евроатлантската заедница и да ги исполни нејзините национални и стратешки интереси“, потенцира познатиот писател и новинар.

Тој посочи дека во земјава има значителен број граѓани кои се исплашени од пропагандата на овие сили кои дејствуваат во бизнисот, медиумите и невладините организации.

„Напредокот на РСМ овие сили го претставуваат како уништување на македонскиот идентитет и предавство на националните корени“, додаде Дерала.

Истовремено, тој истакна дека македонското општество е отворено и мирољубиво. „Сепак, тоа е жртва на долгогодишната пропаганда на говор на омраза и дезинформации, кои не се добредојдени“, рече новинарот.

Во таа насока, тој признава дека во македонските медиуми и социјалните мрежи е забележлива антиевропска, антизападна, а во последните години и антибугарска реторика.

 

„Оваа реторика е поттикната од пропагандата која доаѓа и од Москва. Кремљ сака да ја спречи РСМ да продолжи по својот европски пат. Оваа реторика, која сосема заслужено ја регистрирате во нашите медиуми и социјални мрежи, доаѓа токму од оние кругови, за кои кажав погоре, дека не сакаат РСМ да биде стабилна, членка на ЕУ и да има добрососедски односи со сите земји, вклучително и во Бугарија“, категорично вели Џабир Дерала.

Во државата има големо тивко мнозинство кое не сака да влезе во конфликт со овие кругови, но има и интелектуалци, невладини организации и медиуми кои им се спротивставуваат. Бидејќи, според Дерала, националистичкиот говор претставува неприфатливо потценување на народ или група, вклучително и од македонското општество“, потенцираше познатиот новинар.

За проблемите меѓу Скопје и Софија, Дерала изјави дека тие „не се мали, ниту еднострани, напротив, тие се многу сложени“.

 

„Во РСМ, но и во Бугарија има групи кои работат на развивање на оваа антибугарска пропаганда кај нас. Поволно и за одреден дел од бугарската елита е да има антибугарско расположение во РСМ, за да не може Скопје да стане дел од евроатлантските структури и да стане добар сосед на Бугарија. За нив тензиите се добредојдени“, истакна тој.

Според него, проблемите можат да се надминат со трпение и решителна борба против националистичките и антибугарските наративи.

„Можеме, со трпелива работа и убедување на граѓаните, да објасниме дека добрососедството со Бугарија, и со сите соседи на РСМ, носи само позитивни работи за македонскиот народ. Со тоа ќе се подобри состојбата на РСМ“, рече Дерала, нагласувајќи дека „тоа на ниту еден начин нема да му наштети или уништи македонскиот идентитет и јазик“.

Вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав го дефинираше како нешто сосема нормално. „Ова ќе доведе до откочување на процесот и силен шамар за круговите кои не сакаат да ја видат РСМ како дел од европското семејство, каде ќе седнеме на иста маса со Бугарија и ќе ги решаваме проблемите“, рече Дерала, кој е жесток поддржувач на идејата дека двата народа треба да си подадат рака за доброто на иднината. А историјата „треба да служи само за подобрување на животот, а не за влошување на сегашните и идните односи“, нагласува Дерала.

Истражувањата на јавното мислење, кои во моментов покажуваат дека голем дел од македонските граѓани се против внесување на Бугарите во Уставот, многу лесно можат да се променат во спротивна насока. Затоа што големото мнозинство сака и РСМ да биде дел од ЕУ. Единственото нешто што треба да се промени е пропагандниот националистички наратив.

„Ако македонските граѓани сакаат да бидат во ЕУ и условот е да им подадат рака на Бугарите, тогаш мислам дека работите се целосно јасни“, изјави Џабир Дерала за БГНЕС.

Извор civilmedia.mk

 

Линк https://civilmedia.mk/


Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани