АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Светнаа паметните венецијанерки на младите иноватори од Основното училиште „Даме Груев“ со кои минатата година станаа победници на програмата „Предизвик за млади истражувачи“ и добија гранд од Фондот за иноваци и технолошки развој. Учениците Андреј Јовановски, Христијан Николовски и Михаил Јанакиевски предводени од наставничката по физика и ментор Валентина Степановска Андонова денес го презентираа својот изум на настанот „Млади истражувачи“ што по повод Месецот на науката се одржа во НУБ „Климент Охридски“ во Битола.
Паметните венецијанерки сончевата енергија ја претвораат во електрична и светлосна, а дека тимот иноватори ја постигна целта доказ денес беше тоа што венецијанерката светна пред сите присутни во салата, што предизвика голем аплауз.
„Идејата беше да се најде начин за да заштедиме на сметките за електрична енергија, а во исто време и да влијаеме врз намалувањето на глобалното затоплување. На надворениот дел од венецијанерката има фото келии кои ја примаат сончевата енергија, од другата страна таа енергија се складира во батерии и преку нив, во задната страна има диоди кои се вкучуваат преку далечински управувач. На пример, на вечер да користиме енергија од нив, а не да приклучуваме светики дома на струја, да полнеме апарти со нив“, рекоа учениците иноватори.
Нивната менторка, наставничката Степановска Андонова рече дека Битола може да се пофали со добри ученици, ентизијасти, иноватори, кои посебно се трудат да си ја подобрат училишната средина со внесување на нови технологии.
„Изработивме макета од паметните венецијанерки и се докажува функционалноста. Како победници на Програмата ‘Предизвик за млади истражувачи’- 2, ќе имаме средства кои ќе гледаме некако да ги искористиме и да опремиме барем една училница со паметни венецијанерки. Тие можат да најдат примена во болници, аеродроми, други установи од јавен карактер“, рече Степановска- Андонова.
Од електронски сончогледи до машина Чистко за во школо
Се претставија истражувачи од повеќе училишта во Битола. Електронски сончоглед кој помага да се зголеми коефицинетот на искористување на сончевата енергија изработи Михаил Јанакиевски од ОУ„ Даме Груев“, интерактивни карти за потенцијалот што го поседува Битола за обновливи извори подготвуваат ученици од ОУ „Тодор Ангелевски“ под менторство на наставниците Тодорка Цилева и Гордана Богоевска. Машина Чисто измислија ученици од ОУ „Климент Охридски„, а се изработува со помош на Фабриката за опрема и делови-ФОД. Во ОУ „Стив Наумов“ беа направени филтри за прочистување на воздухот во училниците, а потоа и истражување каков е квалитетот каде има прочистувачи и онаму каде што нема. Сите проекти се поддржани од Фондот за иновации и технолошки развој.
Настанот беше во организација на ОУ „Даме Груев“ кое веќе постигнува солидни резултати со своите млади истражувачи, а директорката Роза Јовановска рече дека она што го постигнаа учениците и нивните ментори се надева дека еден ден ќе биде црст темел во научната мисла.
(Истражувачи од ОУ„ Тодор Ангелевски“)
(Ученици иноватори од ОУ„ Климент Охридски“)
(Михаил Јанакиевски со електронскиот сончоглед, ученик во ОУ „Даме Груев'')
„Битола има со што да се гордее“, рече Костурски
„Науката е јазикот на интелигентните, паметните, вредните луѓе, а учениците со овие проекти покажуваат дека припаѓаат во категоријата на млади истражувачи. Тие се городста на нашиот град, во иднина развојот на градот ќе биде во нивни раце“, рече Емилија Костурски, заменик градоначалник, која го прогласи настанот за отворен.
Ж.З.