АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Галаксијата Андромеда, седумгодишната битолчанка Љубица Андонова, ученичка во Основното училиште „Даме Груев“, ја претстави како фустан што сака да го носи додека танцува како балерина. Оваа креативна претстава на вселената преку дигитален цртеж ѝ донесе прва награда на меѓународниот натпревар „Space art contest“ (Вселенска уметност) во организација на EAAE (Европска асоцијација за асрономска еукација) и тоа во огромна конкуренција од 598 учецници ширум светот. Пријавувањето траеше од први декември минатата година до 31 март годинава во две категории, од 6 до 10 и од 11 до 14 години. Андонова беше прва меѓу помалите учесници, а на втор и трето место беа натпреварувачи од Турција и Шпанија.
„Секогаш ја прашувам мајка ми за најблискиот сосед во нашата галаксија. Одговорот е Андромеда што можам да кажам дека ме потсетува на фустан што сакам да го носам танцувајќи како балерина во просторот“, напиша девојчето покрај изработката.
Мисијата на натпреварот беше креативно изучување на астрономијата , односно вклучуваше синтеза на уметност преточена низ јазикот на астрономијата. Единствен учесник од Македонија беше Основното училиште „Даме Груев" од Битола со шест изработки. Две во првата категорија под менторство на наставничката Летка Степановска и четири дела од поголемите ученици под менторство на наставничката по физика Валентина Степановска- Андонова.
"Со особена гордост и задоволство во категоријата од шест до десет години го потенцирам огромниот успех на ученичката од IIб одделение Љубица Андонова која освои прва награда во конкуренција од 598 учесници од 21 земја од светот",со радост изјавува нејзината наставничка Летка Степановска.
Без оглед на исходот сите учесници се закитија со сертификати за учество, што секако претставува достоен спомен за постигнатото, а воедно и огромен стимул за понатамошното искачување по скалилата на успехот..
Ж. З.