АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска на припадниците на албанскиот народ им го честита празникот 22 Ноември, Денот на албанската азбука.
,,Чест и задоволство ми е што сум битолчанка заради безброј причини, меѓудругото и заради фактот што токму во Битола се одржал конгресот на кој албански интелектуалци ја унифицирале албанската азбука. Со тоа, овозможиле Албанците каде и да се, да пишуваат на ист идентичен начин, да ја заштитат и шират својата култура, традиција и посебност. Музејот на албанската азбука во Битола, денес ја чува одлуката за единствено, стандардизирано албанско писмо, како и копијата од првиот пишуван запис на албански јазик од средината на петнаесеттиот век. Наша должност, должност на државата е да ги почитува, чува и негува посебностите на јазикот и писмото на секоја нејзина заедница. На тоа нè повикуваат и европските вредности, како вредности што ги прифативме како наши на патот на интеграцијата во Европската Унија", рече пратеничката.
-И како што пред 112 години била унифицирана албанската азбука, денес е време кога ги обединуваме нашите напори за унифицирање на еден подобар, помирен, постабилен, попросперитетен живот за сите граѓани на Република Северна Македонија. Предуслов за тоа е взаемно почитување. Само така можеме да се надеваме дека нашата заедничка историја ќе ја зачуваме, нашата заедничка сегашност ќе ја потврдиме и нашата заедничка иднина ќе ја обезбедиме, додаде Костадиновска- Стојчевска.