АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
СДСМ од Битола денес објави фотогрфија на која вели дека е фотографирана Драгана Спасевска, предводничката на Фејсбук групата “Учебници и настава мора да има”, на завршниот митинг на ДПМНЕ во Охрид, на 21 октомври 2016 година. Според денешната изјава на Невена Димовска, портпарол на ОО СДСМ Битола, пагаат маските дека позади иницијативата што ја предводи Спасевска не стои политичка партија.
„Секој има право на свое мислење, на членување во организација, друштво или партија. Но, никој нема право од другите да прави будали и да ги убедува дека иницијативата што ја предводи е без било каква политичка позадина. Ова на фотографијата е Драгана Спасевска, предводничката на Фејсбук групата “Учебници и настава мора да има”, фотографирана на завршниот митинг на ДПМНЕ во Охрид, на 21 октомври 2016 година. Тоа е, за среќа, последниот режимски митинг на ДПМНЕ за парламентарните избори таа година за кој СДСМ бараше одговорност што администрацијата беше брутално присилена да присуствува за да може ДПМНЕ да ја величa својата лажна големина“, рече Димовска.
Партијата воедно објави и фотографија од екс лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за која рекоа дека наводно била постирана на профилот на Сапсевска во 2014 година.
„И едната и другата фотографија тешко се наоѓаат, а можеби и веќе се избришани за да се сокрие трагата. Толку почитувани граѓани од партиската независност на Спасевска. Драгана Спасевска која во повеќе наврати изминатите недела - две се колнеше дека зад нејзината иницијатива не стои ниту една политичка партија, нека да им се извини на сите родители и ученици што ги доведе во заблуда“, рече Димовска.
Таа додаде дека ВМРО-ДПМНЕ треба конечно да се охрабри да започне во свое име да зборува за важните прашања во државата, а не како што рече, да се кријат за „грбот на своја активистка која битолската јавност ја знае како Кловнот Заги“, што е кукавички.
Таа ги постави следните прашања:
Дали Антонијо Милошоски се сретнал и и дал инструкции на Драгана Спасевска за текот на активностите во нејзината Фејсбук група кон крајот на минатиот месец во Битола?
Дали Пеце (амбасадорот од/на Битола) е локалниот лидер на ДПМНЕ кој е во постојана комуникација со битолски средношколци?
Дали генералниот секретар на ДПМНЕ вчера беше во Битола со цел да ги координира активностите кои следуваат?
Дали после ручекот во еден битолски хотел, Сајкоски и уште неколкумина истакнати функционери на битолскиот огранок на опозициската партија се сретнале со Спасевска? Што и ветиле како награда за нејзиниот ангажман?