АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Повторно побеле водата во реката Драгор. Тоа се гледа од фотографиите што до нашата редакција денес ги испратија читатели. Тие пишуваат дека ваквото загадување го евидентирале денес по течението на реката Драгор, од Црн Мост надолу. Забележале обојување на водата во бела боја и силен мирис на хемикалија. Граѓаните кои ни ги испратија фотографиите коментираат дека најверојатно загадувањето доаѓа од фирма која работи кај Црн Мост, а во реката испуша некаква хемикалија или боја.
Ова не е првпат да побелува реката Драгор. Во септември минатата година низ речното корито во центарот на градот течeше валкана белузлава вода која се пенеше како во неа да е истурен детергент. Битолчaни и тогаш коментираа дека ова не е првпат реката да ја менува бојата, но никој не знае кој е изворот на загадувањето.
Тие сметаат дека инспекцијата треба да направи контрола во фирмите кои работат над Црн Моста зашто од таму водата побелува. Таму до неодамна имаше поголем индустриски капацитет, а откако тој се затвори, граѓаните предлагаат инспекцијата да провери кој сѐ работи во неговите простории и дали загадува.
Од Општината досега во неколку наврати посочиле дека имаат само еден инспектор за животна средина, па во иднина ќе мора да се доекипираат за да им се застане на патот на загадувачите.