АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во организација на Сојузот на борците од Битола, синоќа во „Магазата“ беше отворена изложбата „Битолски партизански легенди“ со 28 портрети на партизани од Битола и битолско. Автор на оваа изложба е историчарот д-р Александар Литовски.
-Целта на оваа изложба не е да кажеме некои нови или непознати работи за овие наши партизани, затоа што за нив се знае повеќе или помалку. Целта беше да го поттикнеме антифашизмот кој овие борци го негуваа. Знам дека во општеството се мисли, дека затоа што Хителр не го гледаме околу нас, затоа што не гледаме луѓе што шетаат со кукасти крстови, не постои фашизам. Секако тоа е погрешна перцепција, затоа што фашизмот има разни форми, дејствува прикриено, дејствува како национализам, расизам, шовинизам,омраза кон поинаквите. Сите тие се скриени форми на фашизам, а целта на оваа изложба беше да го поттикне антифашизмот како реакција на овој фашизам што е присутен во нашата средина. Ако успееме со вакви активности да предизвикаме ефект дека ни е потребен антифашизмот, исто како што им беше потребен на овие наши партизани, оваа изложба ја постигна целта, рече Литовски на отворањто на изложбата „Битолски партизански легенди“
Покрај фотографии од битолските партизани, во овој концепт се вклучени и имиња кои не се од Битола, но имаат исклучително значење за Народноослободителната војна.
-Овие имиња на партизани од Битола и битолско кои се дел од изложбата, се влезени во програмата на Сојузот на борци од Битола. Но, има портерети кои излегуваат од овој шаблон, а тука одлучивме да ги поставиме портертите на Јосип Броз Тито како Врховн командант на партизанските одреди на Југославија, Лазар Колишевски, кој беше политички раководител за време на Втората светска војна и Михајло Апостолски како командант на Главениот штаб на партизанките одреди во Македонија, рече авторот, д-р Александар Литовски.
Изложбата ја отвори заменик градоначалничката Емилија Костурски.
-Дали доволно досега сме ги опеале нашите партизани, нашата Народно ослободителна војна? Дали доволно се раскажани и прераскажани тие моменти од нашата историја? Никогаш не е доволно и никогаш не смееме да запреме. Најважно од се е она што мораме да им го порачаме на нашите поколенија, за тие тоа да им го порачаат на своите поколенија, а тоа е да продолжиме со негување на сеќавање на нашата Народноослободителна војна, на нашите народни херои, на нашаите партизани, на нашите знајни и незнајни јунаци, рече Костурски
Изложбата во битолската „Магаза“ ќе биде поставена до 15 август.
Осврт на авторот
БИТОЛСКИ ПАРТИЗАНСКИ ЛЕГЕНДИ
Идат, идат понекогаш, такви лоши времиња во историјата на секој град, кога злонамерни туѓинци го газат без обѕир и кои како споулавени до корен ништат и рушат сè пред себе. Тоа се темни времиња пропратени со полициски тортури, воени судири, илегални акции и вооружени отпори. Времиња во кои се гинело и се страдало во Градот и околу него. Но, Градот, како одмазда на овие туѓородни окупатори и уништувачи, секогаш или им ја бришел трагата од своето сеќавање, или ги помнел во црни бои и грозоморни зборови.
Ниту една Идеја не паѓа „од небо“, туку секоја поединечно се јавува меѓу луѓето на човечки начин. Идеите се раѓаат и умираат, што значи дека траат во времето, и секогаш, повеќе или помалку, влијаат врз однесувањето и работата на луѓето. Всушност, несомнено е дека идеите се остварено свесно дејствување, односно дека тие ја даваат насоката по која се движи социјалниот каузалитет. Идеите на нашите партизански борци се она што мораме да го сфатиме и разбереме, оти тие идеи биле нивната суштина и нивната тестаментална порака кон нас, идните жители на оваа наша Битола и оваа наша Македонија.
Денес, на Битола и мртвите партизански слободољупци ѝ се жители, оти иако загинале, сепак биле, останале и - тука се. Ги нема а, сепак, се овде со нас. Тие, од простум го сонувале и животот свој, и градот свој, и иднината на својата татковина Македонија. Тие така и умирале - простум, исправени на нозе. Такви биле Стив, Мите, Стево, Елпида, Кајзерот, Тошо Даскалот... Со нив и стотици познати и непознати нивни сомисленици и соидејници!
Денес, на родените во слобода, треба јасно да им се каже за овие великани на борбата за социјална правда и национална афирмација, треба јасно да им се укаже дека токму тие комунисти и праведници кои гниеле по затворите на круносаниот двоглав орел и по логорите на исправениот лав што блуе оган, дека оние кои крвареле од фашистичките куршуми, дека тие луѓе кои свесно оделе во смрт со извикот „Смрт на фашизмот - слобода на народот“, се луѓето кои ја заслужуваат нивната почит и кои треба да им бидат еталон за живеењето во овој неправеден и суров свет. Треба мунициозно, подробно, детално и сестрано да ги изучуваме и да ги познаваме сите нивни перипетии и преподобија, да имаме секогаш отворена мисла и очи за нив, оти тие јуришници кон сонцето се нашиот Фарски светилник.
И кога на луѓето од овој град им биле засекувани корењата со убивањето и бесењето на најхрабрите, најдобрите, најдоблесните синови, тие повторно се кревале од пепелта и продолжувале да се движат кон подобра и поубава иднина. И така низ векови, до вчера. До денес. За секогаш, овој град - Битола, опстојувал и пркосел! Впрочем, секогаш, по темнината доаѓа светлото на новата зора. Така, на 4 ноември 1944 година, и Битола ја дочека својата национална и социјална слобода и го започна својот сестран економски, културен, општествен, инфраструктурен, спортски и политички развој. Битола е град кој има меморија за сè што било, и знае тие сеќавања да ги претвори во дел од својата „душа“. Битола, во името на достотонството, знае дека им должи сè на оние што пред нешто повеќе од седумдесеттина години се бореле и гинеле за неа и што и овозможиле гордо да опстојува од денес до вечноста.
Д-р Александар Литовски