АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Состојбата со безбедноста на сообраќајот на патиштата во Битола е сериозна, граѓаните треба да ја разбудат својата свест во насока на подобрување на сообраќајот, а секоја од институциите да ги преземат активностите кои се од значење за здравјето и безбедноста на граѓаните , предупредува Јасмина Талевска, претседател на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, пред „Неделата за безбедност на сообраќајот на патишатата“.
- Забележуваме каков метеж има на сообраќајниците во кој секојденевно се пробиваме,
забележуваме дека хоризонталната и вертикалната сигнализација се на многу ниско ниво. Исто сметам лично дека е небезбедно, зошто децата треба да почнат на школо во септември, а немаме обележано пешачки премини. Улиците стануваат небезбедни за движење на пешаците и не проточни за возилата, наведува Талевска, претседател на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот.
Таа оценува дека Битола има висок степен на моторизација, застарен возен парк и решенијата кои се веќе дадени во сообраќајната студија не одговараат на оваа слика.
- Оваа состојба е една колективна одговорност, секоја институцијата треба да биде повикана на таа одговорност. Институциите треба да бидат покоординирани, полицијата треба да биде носител на подобрување на состојбата, контрола, превенција,мерки, вели Талевска.
Според неа од извештајот за годинава се заклучува дека зголемен е бројот на сообраќајни незгоди особено со млади.
А во извештајот стои дека 146 сообраќајни незгоди се случиле за првите шест месеци од годинава со една жртва, а лани во истиот период имало 138 сообраќајки со три жртви. Покачувањето годинава е за 5, 8 проценти со тоа што оваа година поголемиот број на сообраќајки биле во населено места или 110, наспроти 105 лани.
Иванчо Тошевски, претседател на Комисијата за безбедност при Советот на Општина Битола, оценува дека на територијата на Општината алармантно е што најголем процент од сообраќајните незгоди се случени во населено место каде што за безбедноста во сообраќајот е надлежена Општина Битола.
Виктор Илиев од граѓанската иницијатива „Битола на точак“, вели дека проблем се површините во градот кои се окупирани со автомобили и метежот кој се прави.
- Велиме катни гаражи, но за нив треба простор, градот има многу повеќе коли од колку што може да поднесе, улиците не се прилагодени за толкав сообраќај и сите насоки во иднина наместо да одат кон градење на катни гаражи, да се оди во насока на мерки кои ќе го намалат бројот на автомобили во следните години за околу 7 до 9 илјади, предлага Илиев.
Градоначалничката Наташа Петровска, нагласи дека уште во месец април, е објавен првиот јавен повик за обележување на хоризонтална сигнализација,но поради новите критериуми, немаше понудувач на тендерот.
-Потоа веднаш се спроведе втора постапка која што е во завршна фаза, избран е понудувачот, но тече жалбена постапка од друг понудувач. По одлуката, ќе се спроведува обележувањето на хоризонталната сигнализација, посочи градоначалничката Петровска.