АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Менде Трајковски пчелар од селоМаково ,Општина Новаци за Мариовскиот органски мед освои сребрен медал на Меѓународниот саем за храна и земјоделство АГРА 2018 што се одржа во Словенија. Наградата ја освои во силна конкуренција од 147 примероци на мед од Европа и пошироко. Ова признание има уште поголемо значење ако се има предвид фактот што саемот АГРА 2018 е еден од најстарите и најквалитетните меѓународни саеми за храна и земјоделство.
Оваа година Република Македонија беше земја партнер на саемот така што на простор од 140 квадратни метри покрај Мариовскиот органски мед беа изложени над 100 други производи како ајварот, лутеницата, традиционално овчо сирење и јагне, органска храна, вино...
Менде Трајковски години наназад се занимава со пчеларење и учествува на многу саеми презентирајќи го најкавалитетниот органски мед од пределите на Мариово како најчисто незагадено подрачје .Наградата е од големо значење за него што дава уште поголем поттик да произведува уште поквалитетен мед и производи од мед воедно промовирајќи ја општина Новаци пред светската јавност.
"Наградата многу ми значи. Од медот имав испратено мостри кои беа прегледани во лабораторија , а врз основа на резултатите одлуката за наградата ја донесе комисија составена од три члена. Големо е задоволството, а и сатисфакција не само за мене туку и за регионот и државата. Ова е доказ дека и ние имаме квалитетен органски мед, доказ дека и ние можеме да произведеме добар производ. Наградата доаѓа во вистинско време, кога е во тек процедура за брендирање на Мариовскиот мед и за таа цел се изработува елаборат“, рече Трајковски.
Тој додава дека во Словенија потпишале декларација со пчеларски сојузи од Словенија, Хрватска, Црна Гора,Босна и Херцеговина, Србија, Р. Српска и Македонија со која бараме медоносната пчела да биде прогласена како загрозен вид поради климатските промени, загаден воздух, прекумерна употреба на пестициди, чад и друго.
„Декларацијата ќе ја испратиме до владите на државите од Европа и пошироко. Со тоа очекуваме подобрување на состојбите во пчеларството", изјави Менде Трајковски.
Воедно Менде Трајковски е претседател на Еколошкото здружение „Кајмакчалан“ со седиште во мариовското село Маково, кое ја отпочна иницијативата за брендирање на мариовскиот мед.
Со брендирањето очекуваат поголема промоција на македонскиот мед надвор од границитена земјата, но и сузбвање на нелојалната конкурекција.
„Досега имаше случаи кога продавачи на мед го користат името мариовски мед, а истиот е произведен во друг регион. Затоа сакаме да го брендираме бидејќи сите ги знаеме здравствените придобивки од медот. Манипулациите ќе ги снема со брендирањето на производот. Медарите од Мариово, на етикетата на производот ќе можат да го стават географскиот знак за потеклото на производот", вели Менде Трајковски, од здружението „Кајмакчалан“-Новаци.