АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Увид во реконструкцијата на обиколницата на Битола и санацијата на свлечиштето што се појавува на тој дел од патот извршија денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и градоначалникот на Битола, Наташа Петровска.
-Би сакал да упатам апел до сите возачи, да бидат трпеливи следниве осум месеци, до кога очекуваме да биде комплетно завршена обиколницата. Оваа реконструкција е дел од вкупниот инвестицискиот циклус за подобрување на патната мрежа во државата. Сакам да најавам дека за многу скоро време ќе започнеме со рехабилитација на регионалниот пат Битола - Демир Хисар, а на почетокот на следната година ќе распишеме и тендер за реконструкција на регионалниот пат од Битола до Меџитлија.
Во тек се и постапки за проширување на патната делница Прилеп -Битола. Исто така, сакам да спомнам дека извршив и увид во изградбата на пругата кон Кременица. Задоволен сум како се одвиваат градежните работи и како што веќе најавив очекувам до крајот на годината да биде завршена. Во меѓувреме потребно е да се остварат средби со грчките власти и да се разговара за техничките аспекти за пуштање во употреба“ – истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески во изјава за медиумите.
По увидот на обиколницата, министерот Сугаревски заедно со градоначалничката Петровска, извршија увид и во инфраструктурните зафати во селото Лавци. Особено беше потенцирана динамиката на изведба на градежните зафати, кои наместа се изведуваат и пред зададениот рок.
-Инфраструктурното уредување на канализациона и водоводна мрежа во населеното место Лавци е вкупна инвестиција од над 19 милиони денари, од кои над 12 милиони се директно средства од буџетот на Општина Битола. Битолчани ова го заслужуваа многу порано. Со ваква динамика ќе продолжиме и конечно Битола ќе го има она што го заслужува“, рече градоначалничката Наташа Петровска.