Организаторите на ИФФК "Браќа Манаки" ги прават пследните подготовки за утрешното свечено отворање на 39то издание на фестивалот. Вечерва пред влезот во големата сала на Центарот за култура се поставува сценографијата и рефлекторите под кои утре на црвениот тепих ќе минуваат фестивалските гости.
Во Битола веќе пристигнаа двајцата годинешни лауреати, познатата филмска дива Клаудија Кардинале, на која ќе и биде врачена златната Камера 300 за особен придонес во светската кинематографија, како и британскиот кинематографер Роџер Дикинс, кој е добитник на златната Камера 300 за животно дело.
На македонската актерка Милица Стојанова ќе и биде врачена наградата "Големата ѕвезда" што ја доделува Друштвото на филмски работници.
По доделувањето на наградите следува перформансот во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, по што ќе биде прикажан краткиот филм "Љубовникот" на Игор Ивановски Изи, а веднаш потоа филмот во чест на лауреатот Дикинс, "Истребувачот 2049"- за кој тој го доби престижниот Оскар после 13 номинации.