
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Македонскиот културно-информативен центар во Софија годинава повторно е дел од европската поетска сцена на 10-то јубилејно издание на проектот „Европска поезија во вагоните и станиците на Софиското метро“, кое се реализира од 18 ноември до 15 декември 2025 година, велат од КИЦ во Софија. Овој проект, инициран од Полскиот институт во Софија и поддржан од културните центри на ЕУНИК, странските амбасади, Општина Софија и националните медиуми, се нагласува, ги спојува европските литературни традиции во едно живо ткаење.

-И таму, меѓу сите тие гласови, Македонија стои исправена, препознаена, чуена, со својот јазик како штит, како дар, како белег на постоењето. Годинава нашата земја на предлог на Македонскиот културно-информативен центар во Софија е претставена со моќната кратка песна „Јазикот“ од Михајло Свидерски, дело што говори со таа непокорна и тивка сила што само малите, но горди народи умеат да ја носат. И токму тие стихови, гордо и јасно го одекнаа македонскиот јазик, јазикот што носи корен, историја, болка, љубов и непокор. Меѓу големите европски имиња – Хесе, Киплинг, Милош, Вретакос, Гимараеш, Стенеску, Метелус, стои и Михајло Свидерски, рамноправен, гласен, своеобразен. И така, во мозаикот на европските поетски традиции, македонскиот глас не се губи, напротив, се издига. Се издвојува. Се памети, информираат од КИЦ од Софија.
