2win800x200

Вечерва во Битола "Љубовни писма" театарска вечер во УТОПИА

Март 18, 2026

Верица Недеска и Игор Ангелов со „Љубовни писма“ во интимна театарска вечер во UTOPIA

 
Во среда, на 18 март со почеток во 19:00 часот, во просторот на UTOPIA Private Business Club, ќе се одржи театарска вечер посветена на камерната дуо-драма „Љубовни писма“, во изведба на двајца исклучителни актери, Верица Недеска и Игор Ангелов.
 
Оваа топла, суптилна и духовита претстава ја следи животната приказна на Томас и Алис, раскажана преку нивната долга преписка која трае речиси педесет години. Низ писмата, двајцата ликови го откриваат својот свет – соништата што ги имале, изборите што ги направиле, амбициите што ги воделе, но и грешките, пропаднатите бракови, воспитувањето на децата и тивките разочарувања што ги носи животот.
 
Иако нивните патишта често се разминуваат, писмата остануваат нивниот заеднички простор – место на искреност, нежност и понекогаш иронија, каде што времето не успева целосно да ја избрише длабоката врска што ги поврзува.
 
„Љубовни писма“ е пример за театар во неговата најчиста форма, претстава во која една маса, две столици и двајца актери се доволни за да се создаде силна емоционална сцена што публиката ја носи со себе долго по завршувањето.
 
По изведбата, вечерта продолжува со неформално коктел-дружење со актерите, во атмосферата на UTOPIA, која во последниот период се позиционира како простор за камерни културни настани и блиска средба меѓу сцената и публиката.
 
Билетите се по цена од 500 денари.
 
UTOPIA Private Business Club продолжува со програмата на интимни театарски вечери, кои ја носат сценската уметност во поинаков, поблизок формат, каде публиката не е само гледач, туку дел од самата атмосфера на претставата.
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани