АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Општина Битола ќе добие затворен базен кој кон средината на оваа календарска година ќе почне да се гради во дворот на ОУ „Даме Груев“ во Битола. Базенот ќе биде изграден со средства на Владата и Агенцијата за млади и спорт. Ќе има димензии 25 на 10 метри и при употребата предност ќе имаат учениците од основните и средни училишта, но ќе можат да го користат и другите граѓани.
„Овој проект треба да овозможи училишни рекреативни и спортски активности за тренинг, но и за натпревари од локален карактер во спортови на вода. Базенот пред сѐ ќе биде корисен за спортско рекреативни настани во делот на училишниот спорт, каде предност на користење ќе имаат основните и средните училишта, а во подоцнежните попладневни часови и граѓаните на Општина Битола ќе имаат право на користење“, рече Методија Илиевски, координатор на советничката група на СДСМ и коалицијата.
Тоа што Агенцијата за млади и спорт достави апликација до Општина Битола за изградба на затворен базен, според Илиевски е потврда за цврстата соработка на централната и локалната власт, а добиениот проект е потврда за лобирање на локалната власт за добивање на значајни објекти во градот под Пелистер.
„Продолжуваме со вложување во развој на спортските објекти. Во оваа градежна сезона продолжуваме со интензивна градба на стадионот Под Тумбе кафе и сериозна санација на спортската сала Боро Чурлевски“, додаде Илиевски.