АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Се комплетира уредувањето на асфалтираните улиците во новата населба „Златен рид“ со тоа што деновиве се прават нови пешачки патеки и се поставува улично осветлување. Со овие градежни активности, локалната самоуправа го решава долгогодишниот проблем на станарите и инвеститорите од овој дел на градот, кои и покрај платените средства за комунални услуги, со години немаа можност да добијат соодветно инфраструктурно поврзување.
Од општината велат дека во завршна фаза се инфраструктурните активности во АРМ 1 и АРМ 2. Деновиве се врши поставување на ивичници, се прават тротоари, се поставува улично осветлување, а на почетокот на идната недела ќе се изврши и асфалтирање на дел од улиците.
Во АРМ 1, се поставуваат тротоари и коловозни конструкции на дел од улиците.
-Инфраструктурните активности завршуваат на 31.03.2019 година, по што ќе следува технички преглед за отстранување на евентуални недостатоци.
Со договорот за кредитот за комплетна изградба на инфраструктурата во поранешната касарна и анексот на договорот, во овој дел се обезбедува водоводна мрежа, атмосферска и фекална канализација, улично осветлување и асфалтирање на улиците, со што овој урбан дел ја добива потребната инфраструктура, која за истиот е од витално значење.
Вкупната вредност на инвестицијата за реализација на комплетна инфраструктура на 14 улици во АРМ 1 и АРМ 2 изнесува 155.000.000,00 денари, велат од Општина Битола за апла.мк.