АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
„Секоја идеја е голема, затоа и од Битола се може(и)“, беше мотото на Демо денот што се одржа на деветти април во Битола кога несекојдневна можност имаа дваесетина млади луѓе да ги претстават своите иновативни бизнис планови пред потенцијални инвеститори. Ова беше официјалниот завршен настан на акцелераторската програма Employouth во организација на Фондацијата за одржлив развој „ПРЕДА Плус“.
Во претходните три месеци, учесниците на Employouth имаа ретка можност да бидат дел од интензивна менторска и тренинг програма за креирање и водење на успешен бизнис. Младите учесници со интересни идеи за започнување бизнис ги кристализираа преку развој на лични перформанси водени од десетина ментори од земјата и странство, а координирани од Игор Изотов, иновациски консултант и гуру за лансирање на старт-апи.
„ПРЕДА Плус“ ја креираше акцелератирската програма и ја предава на Факултетот за информатички и комуникациски технологии- ФИКТ. Факултетот со овој проект се здобива со простор каде ќе го смести акцелераторот, добива проект, избира менаџерски тим кој ќе го води во идниот период кога ќе биде практично одговорен за неговата одржливост.
Со ова конечно се пополни вакумот кој постоеше во изминатите пет години во Битола со недостиг на апцелератор каде ќе се „раѓаат“ нови бизниси.
„Пет години работев во Скопје за швајцарски проект со пет играчи во стартап системот во Македонија и можам да кажам дека има големи разлики на ниво на организираност и разбирање на старт-апите во Скопје споредено со Битола и Пелагонискиот Регион. Овде имало вакум, немало никаква поддршка на претприемничките идеи освен стандардната понуда на државните институции преку мерки за самовработување. Тие продуцираат претрпиемништво со цел да се најде работа, а не претприемништво базирано на иновација. Ова е прва програма која понуди извонредна можност, младите луѓе доколку имаат идеја која е иновативна, да ја искрастилизираат со помош на менторите кои ние им ги нудиме бесплатно. Интересот е одличен ако се земе предвид тој петгодишен вакум. И како пилот програма можеме да кажеме дека сме задоволни“, рече Маријана Милевска од Фондацијата „ПРЕДА Плус“.
Со проектот се очекува поддршка да добијат претприемачите во Битола и конечно да се зголеми бројот на нови бизниси што ќе донесе економски благодет во градот.
„‘Битола се може(и)‘ започна со 27 успешни поединци кои ги раскажаа своите приказни за патот кон успехот и ги мотивираат младите кои се на нивниот старт од патеката на претприемништвото. Менторството е во суштина менаџирање на очекувањата. Надворешен човек секогаш пообјективно ги согледува работите. Затоа посветивме особено внимание да селектираме исклучително инспиративни личности, посветени на личната кариера кои ќе умеат да ги разбудат од зимски сон овие млади луѓе“, рече Игор Изотов, иновациски консултант.
Инаку, Универзитетската пилот програма за стартапи во Пелагонискиот Регион, организирана како дел од Еmloyouth -проектот е финасиран од ЕУ преку Интерег програмата за прекугранична соработка со Грција, а имплеметиран од Фондацијата „ПРЕДА Плус“ и Факултет за информатички и комуникациски технологии – Битола.
„ПРЕДА Плус“ е Фондација за одржлив економски развој којашто во изминатиот период ја игра улогата на поддржувач и партнер на учесниците во екосистемот на стартапи во Македонија. Во периодот помеѓу 2015-2018, учествуваше во јакнењето на повеќе клучни играчи на овој систем преку најразлична поддршка:
– Меѓународни ментори на Сивус Инкубатор во нивната пред-акцелераторска програма
– Развиена нова услуга за евалуација на ИТ Фирми на SEEU Tech Park
– Поддржана институционализација на Стартап Зона
– Меѓународна експертиза за концепт модел на Create Hub, Комора на Северозападна Македонија
– Меѓународна експертиза со цел развој на бизнис модел на БИТХАБ и пилот пред-акцелераторска програма
Овие програми и нивната поддршка според мониторинг системот по меѓународен стандард, успеа да креира над 564.000 американски долари дополнителни приходи преку обезбедување на 109 нови клиенти и 15 нови развиени производи и како резултат на тоа да овозможи 96 вработувања, од кои 83 проценти на млади лица.