Акцијата за чистење на коритото на реката Драгор, која започна на почетокот на август влегува во последната фаза. Механизацијата ангажирана од ЈП „Нискоградба“ денеска беше по течението во централното подрачје, односно на потегот од Ленски мост до Дрвеното мовче.
-Оваа акација се спроведува од Железничкиот мост кај населба Кланица до Црн Мост, ЈП Нискоградба ја изведува во координација со Општина Битола, а склучениот договор е 3 милиони денари. Големите насипи што беа по течението на реката Драгор со помош на камион и ровокопач се подигаа и се одлагаа на депонијата Мегленци. Со еден дел се вршеше насипување каде во иднина во населба Довлеџик треба да се пробие пат. Сега со булдужер се врши порамнување на остантиот дел на дното од речното корито, вели директорот на ЈКП „Нискоградба“, Методи Силјановски.
Сегашната акција за чистење на реката Драгор треба да заврши до крајот на овој и почетокот на следниот месец, а ќе бидат исчистени 2,5 километри должина од речното корито
-Досега извадовме околу 2000 кубици ѓубре, а во наредните денови ќе знаеме уште колку ѓубре ќе треба да се подигне со ровокопач на камион. Се што подигнавме беше насип, чакал и земја во огрмни количини носен од планините, како и треви, рече Силјановски.
Ланската година коритотот на реката Драгор беше исчистено од мостот кај Судовите до Црн Мост, по што поради временските услови акцијата беше прекината, а претходно реката не беше исчистена 3 години.
(Битолчани будно го следат чистењто на коритото на реката Драгор)