Градоначалникот Тони Коњановски и администрацијата што тој ја раководи, заедно со Јавното претпријатие Комуналец да си најдат начин како да се справат со проблемот со кучињата скитници во Битола сега и веднаш!
Советот на Општина Битола донесе одлука за повторно ставање во функција на шинтерската служба како преодно решение до изградбата на стационарот за бездомни животни!
За да нема никакви сомнежи дека со кучињата ќе се постапува нехумано, предлагаме во целата постапка како надзор да бидат вклучени активисти на здруженијата за заштита на животните од Битола. Целта на оваа активност од времен карактер не е и не смее да биде убивање и масакрирање на бездомните кучиња, туку да се врати безбедноста на граѓаните кои се движат низ битолските улици и се напаѓани од глутниците кучиња!
Работа на градоначалникот Коњановски и на администрацијата на Општина Битола е да наоѓа решенија, а не да се правда зошто не може нешто да преземе! Како што Коњановски и функционерите на ДПМНЕ одат по министерски кабинети со разно разни барања за помош од Владата на СДСМ или со ургенции да се забрзаат постапки во интерес на Битола, истото да го направат и за да го решат проблемот со кучињата!
Битолчани 20 месеци го чекаат стационарот кој го ветија ДПМНЕ и Поинаку! Претседателката на Советот и лидер на Поинаку, во септември лани рече дека Битола добива стационар. Денес гледаме дека нема ништо од тоа! Илиевска дури и ни раскажа приказна за кучето Хачико кое десет години го чекало газдата кој починал. Со ДПМНЕ и Поинаку, Битола ќе добие стационар кога Хачико ќе го дочека газдата! Времето за приказни помина! Потребно е да се делува! Сега и веднаш!