2win800x200

Иванов: За опозицијата ЕУ е маргиналната цел, ВМРО ДПМНЕ длабоко загази во антиевропска мантра

Јули 28, 2023

„Кога имате само една цел, а таа за ова актуелно водство на ВМРО-ДПМНЕ е да дојде на власт, по победите на локалните повторно да ја зграпчат целата држава, да го освојат државниот буџет и да бидат газди на сите пори во општеството и во едни такви ментални партиски околности кои оваа партија ги манифестирала и во минатото како своја уникатна политичка доктрина, тогаш ЕУ е маргиналната цел“, вели во изјава за Фронтлајн- новинарот Зоран Иванов, зборувајќи за одбивањето на опозицијата да го поддржи усвојувањето на уставните измени, а со тоа и патот на Северна Македонија кон ЕУ.

Според него, опозициската ВМРО-ДПМНЕ чија основна политичка платформа е популизмот темелен врз умислен и лажен патриотизам, врз манипулација со нашите национални и граѓански чувства, врз промовирање кампањи со содржини на страв, ксенофобии, загрозености и слични дребулии од терминологијата на 19-тиот век, и ден денеска ја крепи оваа политичка партија на високо етно национално ниво.

„Тоа ниво за државата и за нас нејзините граѓани е една висока цена што и досега сме ја плаќале па, еве, и сега работите одат натаму и галиба партиските лаги ќе однесат јабана уште една, две македонски генерации“, подвлекува Иванов.

Тој вели дека опозицијата длабоко загази во антиевропска мантра што сега, како што вели, нема сила која ќе може да го премисли.

„Ова ВМРО-ДПМНЕ толку длабоко загази во антиевропска мантра што сега нема сила која ќе може да го премисли. Но излез наскоро секако ќе има. Како и во сите наши кризи, така и сега со посредство на странците, веројатно ќе се изроди некаков пакет договор меѓу опозицијата и власта, некаков компромис од „пржински“ формат во кој ќе бидат спакувани и предвремени избори и фазните гласања на уставните промени. Можеби постапката ќе се развлече до пролет за што пак виза за неколкумесечно одлагање на македонските преговори разбирање треба да имаат и Брисел и Тирана. Туку, нешто друго е мошне нејасно. Ги разбирам околностите со историските и актуелните уцени од страна на нашите соседи. Никој не ги посакува. Но како е можно голем број, нели, интелектуалци, новинари уредници и нивните уредувачки политики како и куп други јавни личности, да не го видат она што се гледа од авион дека сега со т.н. француска рамка земјава е ставена на бриселската ЕУ маса во присуство на сите земји членки на Унијата“, нагласи во изјава за Фронтлајн Иванов.

Ако Македонија, додава тој, го напушти овој дипломатски формат, ако пак остане сама, а тоа Софија со нетрпение го посакува, историјата, нас Македонците, повторно нè враќа во билатералните негаторски прегратки на службена Бугарија.

„Навистина е нејасно како е можно едно вакво масовно антимакедонско слепило. Но и во историјата на светот па и во нашата македонска, не се непознати вакви самоутепувачки интервали“, смета тој.

Дестан Јонузи https://frontline.mk/

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани