АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Членовите на „Младинското јадро за безбедност и здравје при работа за млади“ во Битола, под менторство на тим од Младинскиот културен центар – Битола, започна да ги пренесува своите стекнати знаења и вештини на своите врсници во средните стручни училишта.
Првите информативни сесии ги реализираа ученици од СОЕУ „Јане Сандански“ од Битола за средношколците од трета и четврта година од СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ од Битола. Оваа седмица информативните сесии ги реализираа и учениците од СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ од Битола за средношколците од трета и четврта година од СОЕУ „Јане Сандански“ од Битола.
Со информативните сесии се придонесе кон подигнување на свеста за значењето на безбедноста и здравјето при работа кај средношколците, подобрување на нивното знаење за улогата, потребата и значењето на безбедни здрави работни позиции, како и развој на култура за превенција кај средношколците и учество во реформските процеси за безбедност и здравје при работа во средните стручни училишта.
На овие сесии претходеше формирање на Младинско јадро на млади промотори за безбедност и здравје при работа за млади, кое е составено од по пет ученици од четирите средни стручни училишта, СОТУ „Ѓорѓи Наумов“, СОУ „Таки Даскало“, СОЕУ „Јане Сандански“ и ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“. Младинското јадро помина низ процес на градење на капацитети и неговите 20 членови моментално се главните промотори и пренесувачи на информациите за безбедноста и здравјето при работа до младите во Битола, особено до нивните врсници.
За полесно и трајно пренесување на информациите изготвена е информативна брошура за безбедност и здравје при работа за млади која се десиминира до средношколците за време на информативните сесии. Предвидени се вкупно 40 инфо сесии во четирите средни стручни училишта во Битола. Во наредниот период продолжуваат информативни сесии во останатите средни стручни училишта во Битола.
Младински културен центар - Битола како дел од своите програмски активности го спроведува проектот “Безбедност и здравје при работа за млади”, дел од проектот “Подобрување на работните услови и безбедноста и здравјето при работа како поддршка на земјите од Западен Балкан за пристапување кон Европската Унија„ IPA/2019/413-810, финансиран од ЕУ, имплементиран од Македонското здружение за заштита при работа.
Општата цел на проектот е подобрување на вклученоста и влијанието на граѓанското општество во јавните политики за безбедност и здравје при работа.