2win800x200

Второто заседание на АВНОЈ и македонската државност (пишува проф. д-р Александaр Литовски)

Ноември 29, 2023

 

Второто заседание на АВНОЈ во Јајце на 29 ноември 1943 г., се конституирало како највисоко политичко и претставничко тело на југословенската антифашистичка борба и ги конституирало основните државно–правни и политички органи на новата југословенска федеративна заедница. На него имало кооптирани делегати од Македонија, но тие не биле присутни на Заседанието. Со своите решенија Второто заседание на АВНОЈ ја конституирал нова Југославија како федеративна држава составена од шест републики, на пет нации. Со тоа бил прекинат континуитетот на Кралството Југославија, бил прекинат континуитетот со државата во која не било признато постоењето на македонскиот народ и тој бил изложен на големосрпска денационализација и асимилација.

Второто заседание на АВНОЈ создал Национален комитет за ослободување на Југославија (НКОЈ), како највисок извршен орган на власта, односно како орган кој ќе ги извршува одлуките на АВНОЈ до формирањето на влада по ослободувањето на земјата. Ги имал сите прерогативи и овластувања на Привремена влада на Демократска Федеративна Југославија. Освен претседателот Јосип Броз Тито и тројцата потпретседатели, имал повереници што ги раководеле одделните поверенства што извршувале задачи на извршни ресорни органи на власта.

398304873 889671525882335 7059435225608562119 n

АВНОЈ во новоконституирана државна заедница ги вброил како рамноправни конститутивни елементи македонскиот народ и македонската држава. Македонскиот јазик бил прогласен за рамноправен со српско-хрватскиот и словенечкиот на целата територија на Југославија. Со сето тоа, правно и политички биле санкционирани стремежите на македонскиот народ за самостоен национален живот во сопствена национална држава. Токму заради усогласеноста на решенијата на АВНОЈ со целите на антифашистичката и националноослободителна борба и со македонските национални интереси, тие решенија, децидно, биле потврдени од Првото заседание на АСНОМ.

Во Решението за изградување на Југославија врз федеративен принцип донесено на Второто заседание на АВНОЈ се велело и: 1) Народите на Југославија никогаш не го признавале и не го признаваат распарчувањето на Југославија од страна на фашистич­ките империјалисти и ја докажаа во заеднич­ката вооружена борба својата цврста волја и натаму да останат обединети во Југославија.; 2) За да се оствари принципот на сувере­носта на народите на Југославија, за да претставува Југославија вистинска татковина на сите свои народи и за да не стане никогаш веќе домен на која и да било хегемонистичка клика, Југославија се изградува и ќе се из­гради врз федеративни принципи, кои ќе им осигурат целосна рамноправност на Срби­те, Хрватите, Словенците, Македонците и Црнорорците, односно на народите на Срби­ја, Хрватска, Словенија, Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.; 3) Во согласност со таквата федеративна изградба на Југославија, која се темели врз најцелосни демократски права, е фактот што веќе сега, во времето на Народноослободителната борба, основните органи на народ­ната власт кај одделни народи на Југославија ги прететавуваат народноослободителните одбори на земските антифашистички собра­нија на народното ослободување...; 4) На националните малцинства во Југославија ќе им се обезбедат сите национални права".

АВНОЈ факсимил

Злонамерните антимакедонски толкувања дека заради неприсуството на македонски претставници, АВНОЈ нема легитимитет за Македонија, било во минатото, а и денес, фактички е дел од вокабуларот на антимакедонските пропаганди кои го негираат македонскиот национален индивидуалитет и го проблематизираат самостојниот македонски државноправен развој. Фактички, решенијата на АВНОЈ за Македонија биле антиципирани и одобрени преку Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ од октомври 1943 г. Кузман Јосифовски–Питу, уште кон крајот на 1943 г., пишувал: „Самите решенија на скупштината, Векето прогласувајне за врховен, законодавен и извршен орган, конституисање H.K.O.J. co право на привремена влада, федеративно уредувајне на Југ[ославија] на началото самоопределување до отцепување и доброволно присаединувајње co други народи, декларацијата за монархијата, како и саставот на Претседателството на АВНОЈ и НКОЈ, јасни се факти и потврда за правилноста на линијата на Манифесто во денешниот етап на HO Борба. Участието на нашиот сонарадник Димитар Влахов во АВНОЈ, како најизразит централист, правонаследник на Гоце и Крушевската република, ватрен поборник да се македонското пpaшajнe разреши со сатрудничењето на останалите балкански народи и прогресивни движенија, исто го потврди нашиот став и прогресивноста на нашата линија... A признавањето на Сов[етскиот] Сојуз силите на HOB и ПО на Ј. и незините заслуги во општата борба против Хитлерова Германија, испрајкането Сов[етска] војна мисија при В. Ш. признавањето на Идн и Хол пред парламенто и печато не нас исполни само co чес оти се определифне за една заедница која служи како пример на европејските народи како се бори против фашисткиот окупатор и како се разрешава националното пpaшajнe вo екот на самата бор­ба...“

II zasedanje AVNOJ a

Во секој случај, АВНОЈ не само што јавно го прокламирал „југословенското решение“ на македонското национално прашање за Вардарскиот дел на Македонија, туку индиректно, со промовирањето на Димитар Влахов од Егејскиот дел и Владимир Поптомов од Пиринскиот дел на Македонија за членови на АВНОЈ, го проширувал и врз тие два дела на Македонија. Со тоа, преку АВНОЈ, практично, Вардарскиот дел ја добил улога на „пиемонт“, улогата на „обединувачки центар“ за Македонците од Пиринскиот, Егејскиот и делот на Македонија под Албанија. Декларативно тоа било дефинирано во паролата „обединета Македонија во рамките на Југославија“. Со ваквите „решенија“ на АВНОЈ се демантираат и лажните ревизионистички тврдења дека Јосип Броз Тито и раководството на антифашистичката борба биле против „обединувањето на Македонија и Македонците“. Впрочем, целосно политички апсурдно е било кое државно раководство да не сака проширување на сопствената државна територија, доколку тоа е можно и нема негативни импликации. Оттаму, југословенско раководство апсолутно било заинтересирано за обединување на македонскиот народ во Југославија, со што таа држава би имала доминантна улога на Балканот. Тоа го рефлектира и Второто заседание на АВНОЈ. Меѓутоа, ваквите југословенските интереси во корелација со реалните геостратегиски интереси на големите сили биле во длабока спротивност. Впрочем, во 1944 г., гледано во контекст на поделбата на интересните сфери меѓу големите сили, не е сигурна ни самата положба на југословенското народноослободително движење. Новата федеративна Југославија била далеку од своето меѓународно признавање и во постојните, версајски граници, а камоли во некаква проширена територијална форма. И покрај целата воена и политичка моќ на југословенското партизанско движење, сè уште, реално фигурирала можноста од евентуално англо–американско истоварување и нивен обид насилно да се врати предвоеното монархистичко уредување на целиот Балкан и да се воспостават предвоените граници. Тоа било варијанта не би можело да стане збор ниту за опстанок на македонската национала свест, ниту за некаква државност на Македонија. Оттаму, нема никакви дилеми дека АВНОЈ е основа на решенијата на Првото заседание на АСНОМ и со тоа темелот врз кој се постави современата македонска државност, та затоа денешната македонска држава треба да го почитува споменот за него и достојно да го одбележува.

 

пишува: д-р Александар Литовски

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани