АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На 12.08 2024 година во 16 часот, во просториите на Хотел Театар- Битола, ќе биде промовиранa новата книга на историчарот Васко Гичевски „Селото и селанството во Битолскиот санџак 1878-1912: социјална историја на селото и селанството во последните три децении од османлиското владеење“.
„Првичното внимание во книгата е посветено на периодот на Танзиматот. Гичевски внимателно ги анализира влијанијата на танзиматските реформи врз селската заедница, особено во однос на формирањето на вилаетската структура и организацијата на власта во Санџакот. Преку оваа анализа, читателот стапнува во светот на македонското село и ги разбира селанските предизвици и можности во еден мошне комплексен историски контекст. Потоа книгата преминува кон периодот на реформите во предвечерието на Илинденското востание и подоцна. Авторот вешто ги претставува и политиките на Младотурците и нивното влијание врз селската заедница, како и реакциите на селанството на големите промени во првата деценија на 20-тиот век. Историската анализа на Гичевски, поткрепена со многу примери и извори, овозможува длабоко разбирање на динамиката на селското општество во овој период. Трудот на Васко Гичевски ги истражува и економските аспекти на селското општество, фокусирајќи се на неговата економска дејност и предизвиците при вршењето на истата. Преку анализа на економските активности, авторот го претставува карактерот на селската економија и неговото влијание врз секојдневниот живот на селанството. Книгата обработува и други аспекти, како образованието, национализмот и револуционерната активност на селанството, со што ја комплетира анализата на селската заедница во Битолскиот санџак во последните три децении од османлиското владеење во Македонија. Со оваа книга тој дава значаен историски придонес, оставајќи трајно влијание во областа на истражувањата на социјалната историја на македонското село и селанството во османлискиот период. Со темелната обработка на селското општество во Битолскиот санџак, тој ни нуди сеопфатен преглед на социјалната и економската динамика на селанството во овој регион“.- Од рецензијата на проф. д-р Никола Минов Филозофски факултет -Скопје