2win800x200

По вонредните контроли управителите на станбените згради мора да ги отстранат недостатоците

Април 01, 2025
Согласно добиените задолженија од градоначалникот на општина Битола, општинскиот инспекторат изврши контроли на објектите за домување во колективни станбени згради, со цел утврдување на моменталната состојба во зградите во поглед на исполнетоста на обврските согласно Законот за домување, како и понатамошно задолжување за преземање мерки од страна на управителите на зградите и станбените сервиси.
Од страна на одговорните субјекти во зградите, беше побарано да достават информации за тоа дали зградата има хидрантска мрежа, дали хидрантите имаат црева за вода, колку од зградите поседуваат ПП апарати и дали има лица кои што знаат со нив да ракуваат.
Од досега утврдената состојба, констатирано е дека, на територијата на општина Битола, од вкупно 640 згради (согласно Закон за домување, од страна на инспекторот секој влез се утврдува како посебна зграда), 590 се под управување на станбените сервиси, а за останатите во тек е утврдувањето на нивната состојба.
Податоците од станбените сервиси, говорат дека од 590 згради:
- Згради со хидрантска мрежа се вкупно 347, од кои 22 поседуваат и ПП апарати
- Згради без хидрантска мрежа се вкупно 243 и истите не поседуваат ниту ПП апарати
- 4 згради имаат план за евакуација
Инспекторот во обука, согласно своите надлежности, достави известувања до сите станбени сервиси со кои истите се упатуваат дека се должни да постапат согласно член 6 став 3 и член 19 став 1 точка 2 од законот за домување и во најкус можен рок да ги отстранат сите неправилности во зградите кои се под нивно управување, а тоа вклучува: одржување, поправка и замена на хидранти, хидрантски црева и други хидрантски делови, набавка на нови противпожарни апарати и редовно сервисирање на постоечките, обезбедување на функционалност на противпожарните скали во зградата, одржување, поправка и сервис на лифтови, лифтовски простории и уреди, како и технички преглед на истите, поправка на оштетените и замена на дотраените фасади, фасадни облоги и елементи на фасади.
Известувањето со констатираната состојба, испратено е и до Државниот комунален инспекторат, како надлежен за постапување и утврдување на состојбата на терен.
Контролите спроведени во училиштата и детските градинки, покажуваат дека овие институции функционираат како безбедни средини. Истите се опремени со противпожарни апарати, како и обучени вработени, додека хидрантски мрежи, има секаде каде што може истите да се инсталираат. За исправноста на ПП апаратите или хидрантската мрежа надлежни се лиценцирани фирми кои ги одржуваат, а секаде каде што ќе се појави потреба од дополнување на опремата, истото ќе биде направено по изготвувањето на финалните извештаи во координација со сите надлежни институции, најдоцна до средината на овој месец.
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани