
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
До овој момент над триесет работници побарале лекарска помош од вработените во рудникот на РЕК Битола кои се пожалиле на тегоби во стомакот и дијареа, информираат од ЕСМ Молика. Сите се прегледани и соодветно третирани. Првично на болница се јавија 4 работници за што известија од ЕСМ Молика, а потоа во текот на денот лекарска помош побарал уште триесетина работници кои дале различни искази околу храната што ја конзумирале.
Според првичната информација од ЕСМ Молика
Во врска со наводите за масовно труење со храна во РЕК Битола, а во интерес на точно информирање, ја известуваме јавноста дека не станува збор за масовен случај. Според досегашните информации, 4–5 лица побарале медицинска помош во болница, додека дел од останатите вработени го напуштиле работното место повикувајќи се на потенцијални тегоби, без притоа да побараат лекарска помош. Како превентивна мерка и со цел заштита на здравјето на вработените, лицата се упатени на дополнителни прегледи и анализи во Клиничката болница Битола, со цел утврдување на нивната здравствена состојба и евентуалните причини за појавените симптоми. Во моментов не може со сигурност да се утврди дали станува збор за труење од храна или за вирусна инфекција, имајќи предвид дека е период кога се зачестени вирусни заболувања. Конечните резултати ќе бидат познати по завршувањето на вонредниот инспекциски надзор. Истовремено, информираме дека во кујната редовно, на дневна основа, се земаат мостри од храната, со што се следи и потврдува нејзиниот квалитет и безбедност. Дополнително, не постои можност да се утврди дали сите засегнати лица ја консумирале храната, во кое време ја подигнале, ниту пак дали истата била складирана и чувана во соодветни услови по нејзиното преземање, што може да влијае врз нејзиниот квалитет. Јавноста ќе биде навремено информирана за сите понатамошни наоди и заклучоци од надлежните институции, соопштија од ЕСМ Молика.
