АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Делегација од австриски експерти на средба во Министерството за земјоделство размени искуства и оствари првични контакти за продлабочување на соработката во областа на млеко производство како и развојот на руралниот туризам. Првата средба на претставниците од австрискиот земјоделски кластер искористена за размена на информации и скенирање на состојбите со цел да се планираат натамошните стручни соработки и планирање на активностите.
Групата од експерти од Австрија која е во посета на земјава благодарение на соработката со здружението за едукација на земјоделците „Зелена берза“ од Битола и ЛАГ Агро лидер од Прилеп на средбата во министерството за земјоделство главно се интересирала за политиките на Владата за приближување на стандардите во сточарството со оние на европските земји.
На средбата биле информирани за плановите земјава да отвори 4 агроекономски зони од кои 3 во Битола и една во Карбинци каде ќе можат да се изградат современи фарми кои ќе користат заедничка инфраструктура и ќе работат многу порентабилно, а воедно ќе се преселат фармите од објектите кои сега се близу во населените места, не ги исполнуваат стандардите и не дозволуваат ширење и осовременување.
Според сегашната состојба само 3% од фармите може да се каже дека ги исполнуваат европските норми додека над 90% од фармите молзните крави ги одгледуваат на врзан систем, а намерата да се оди на што поголем процент на крави на испуст. На оваа средба се разговарало и за размена на искуства и помош при изборот на квалитетна генетика на увозните стелни јуници според условите на фармерите од Австрија. Главен акцент на средбата беа малите семејни фарми каде едно семејство има од 10 до 40 грла, но се занимаваат и со многу други земјоделски производства. Намерата е таквите семејства во иднина да прераснат во семејни фарми кои ќе бидат продуктивни и рентабилни за да не мора друго ништо да се занимава тоа земјоделско семејство, туку својата егзистенција да ја насочи кон млеко производството. На средбата присуствуваа и претставници од ветеринарната комора кои ја оценија како многу корисна средбата од која понатаму треба да произлезат конкретни активности во насока на развој на сточарството.
-Оваа средба ја оценуваме како многу корисна иако е ова прва средба на која повеќе се интересираа австриските гости за состојбите какви се кај нас, но со ваквите средби се воспоставија релациите и контакти кои допрва треба да се ефектуираат. Тие изразија подготвеност за понатаму да се продлабочи соработката и во пренос на знаење директно на фарма од нивното искуство кое е доста богато и во делот на консалтингот од аспект на пренос на искуства во примена на добрите практики на фармите. Договорено е да ни помогнат и со стручни предавања на конкретни теми кои ние би ги посочиле кои сметаме дека ќе бидат значајни за нашите фармери, рече Томислав Николовски претседателот на Ветеринарната комора.
Австриските експерти своето знаење планирано е да го споделат и со фармерите. Утре на 25 април ( четврток) со почеток во 10 часот во конференциската сала на Синпекс Битола ќе се одржи работилница на која ќе се презентираат искуствата од Австрија, но ќе може и да се праша и да се дебатира за се она што ги интересираат фармерите