АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, во Здравствениот дом „Д-р Хаим Абраванел“ во Битола оствари средба со раководниот тим на оваа здравствена установа. Пред дефинирањето на општинскиот буџет за наредната 2020 година, особено кај јавните претпријатија, во кои дел од нивните активности имаат допирни точки и со оваа институција, денешната средба имаше за цел да бидат дадени предлози од сите страни во насока на подобрување на взаемната соработка и испорачувањето на услугите.
Директорката на Здравствениот дом д-р Весна Спирковска истакна дека во изминатите две и пол години се преземени низа чекори за подобрување на условите за работа во установата. Набавени се нови апарати, реновирани се дел од објектите, а речиси за половина е зголемен бројот на вработени доктори. Дел од нив се испратени на специјализација, со цел да не се почувствува недостаток на кадарот. Сепак, за одредени одделенија и проширување на дејностите, потребен е поголем простор, кој оваа установа го нема.
Градоначалничката Петровска истакна дека општината во дел од своите можности ја помага оваа установа, а досега со општински средства инфраструктурно е решено поставувањето на бехатон плочките околу домот, со што е реализирана тротоарска целина. Исто така, Општина Битола ја разбра важноста за потребата на поставување настрешница во делот на Брзата помош за заштита на возилата и дава своја поддршка преку своите служби во подготовка на документација за овој проект. Во следната година, општината предвидува да го санира просторот околу брзата помош со бехатон плочки.
На средбата беа дадени и други предлози и забелешки од страна на медицинскиот тим до градоначалничката Петровска, а исто така таа беше запозната и со новите проекти за реновирање на депото за инсулин и останатите предвидени активности на оваа здравствена установа.