АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Една година од своето работење одбележува Јавното претпријатие за изградба и одржување јавен простор за паркирање и организирање јавен локален превоз на патници во Општина Битола, познато како ЈП „Паркинзи“. Со донесената одлука во Советот на Општина Битола на 23 април, Битола за прв пат доби јавен стопанисувач на паркинг местата во градот. По формирањето, требаше најпрво да се направи примопредавање со претходниот концесионер, чиј договор истекуваше во јуни 2019 година.
На самиот почеток, вработените во ЈП Паркинзи започнаа со подготовка на информативните табли, односно се исфарбаа и наместија 105 табли на исто толку столбови. Паралелно, се започна со бележење на паркинг местата на 3 затворени паркиралишта и отворени зонски паркиралишта.
После тоа следуваше санација на паркинг местата. Со санацијата се започна со паркингот пред Цнтарот за култура, потоа претпријатието со околу 10 илјади евра изврши асфалтирање на паркинг просторот кај Јавор. Таму дополнително, беше поставена сталажа за паркирање на велосипеди, се исфарбаа јарболите и се исчисти канализационата мрежа во самиот паркинг. Овој паркинг доби сопствено осветлување, а беа поплочени двата пешачки острови до паркингот, потоа се изврши санирање на паркинг просторот кај автобуската станица.
Паркинг просторот кај Спортската сала Боро Чурлевски е најголема паркинг зона во градот. Со помош на останатите битолски јавни претпријатија, се санираа ударните дупки, на терен се изврши порамнување и асфалтирање на оштетените делови на паркингот. Се уреди хортикултурниот дел.
На површина од 550 метри квадратни, на паркинг просторот кај Спортската сала „Боро Чурлевски”, Битола оваа зима доби нов спортско-рекреативен простор, на кој битолчани можеа да се лизгаат. Лизгалиштето е донација од Агенцијата за млади и спорт, а во временска рамка од два месеца, ЈП Паркинзи беше надлежно да го одржува ова рекреативно катче.
Новите предизвици, кои ги донесе КОВИД-19 на глобално ниво, донесоа и нови мерки на превентивна заштита во Општина Битола. ЈП Паркинзи, заедно со останатите битолски јавни претпријатија, учествува во акциите за дезинфицирање на јавните површини, со што, превентивно се врши заштита на населението од новиот коронавирус.
Со проектни сообраќајни решенија за зонското паркирање на јавни површини и на паркирање на затворени паркинг простори на територијата на Општина Битола, постојат 3 зони на паркирање. Секоја зона содржи определен број на подзони. Зона А или прва зона, има 9 подзони и 3 затворени паркиралишта со вкупно 478 паркинг места,од кои 15 се наменети за инвалиди. Зона Б (втора зона) има 8 подзони со 562 паркинг места, од кои 9 се за инвалидизирани лица, а зона Ц или трета зона има 3 подзони. Во зоната Ц се наоѓа и затворен паркинг кај спортска сала Боро Чурлевски. Вкупниот број на паркинг места во оваа зона е 618, од кои 21 е наменето за инвалидизирани лица.
Во однос на паркирањето, цената на паркинг сесиите е намалена, во споредба со претходниот концесионер. Во А зоната, изнесува 30 денари за два часа, а потоа секој нареден час се наплаќа 25 денари. Во Б зоната, 20 ден. за два часа, а секој следен час се наплаќа 20 денари. Во Ц зоната, цената за целодневно паркирање е 30 денари.
Паралелно, јавното претпријатие Паркинзи имаше и сопствени инвестиции, кои вклучуваа асфалтирање и санирање на паркинг местата, набавка на компјутери и компјутерска опрема, грејни тела за сите објекти, ХТЗ опрема и други потребни материјали, во вредност од над 25.000 евра.
Како општествено одговорно претпријатие, досега кон Општина Битола на име комунална такса, уплатени се над 600.000 денари.
Минатата 2019 година, ЈП Паркинзи ја заврши со добивка од над 60.000 денари.