АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Синоќа во Центарот за култура во Битола беше отворена изложбата „Црвено или сино“ на авторот Никола Славевски.
„Црвено или сино“, насловена според истоимената инсталација, е изложба која се занимава со прашањето на идеологијата, како општествените односи го формираат нашиот (идеолошки) светоглед, и тоа дали е возможно да ја согледаме реалноста вон идеолошката призма на капитализмот и на кој начин тоа да го направиме. Делата се настанати на две резиденции на кои авторот учествувал, едната во Виена, Австрија, а другата во Тирана, Албанија, каде и биле изложувани во периодот од 2019 до 2020 година и дела кои до сега воопшто не биле изложувани, а настанале во 2020 и 2021 година.
Никола Славевски (1989, Битола, Македонија) е визуелен уметник и политички активистист кој моментално живее во Љубљана каде и студира видео и нови медиуми на Академијата за ликовна уметност и дизајн. Студирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде и дипломирал во 2014 година.
Во годините после дипломирањето се вклучува во мо „црвени “, југославенската секција на „Интернационалната марксистичка тенденција“.
Неговата уметничка пракса е длабоко испреплетена со други форми на неговиот јавен ангажман. Славевски е жесток застапник за класната борба: дали преку неговото творештво и изложби (кои истражуваат неелитистички перспективи за она што го нарекува „револуционерна уметност“) или преку политички ангажман (кој воглавно се фокусира на прашањата поврзани со работничката класа и маргинализираните заедници).
Отворањето на изложбата беше спроведено според протоколите и новите мерки за Ковид – 19. Влезот на отворањето на изложбата синоќа беше ограничен на групи по 5 лица, при што се проверуваат вакциналните сертификати.
Изложбата ќе биде отворена до 20.08.2021 г. од 12:30 до 20:30 ч. на Нова сцена.