АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Апостолот на Македонската револуционерна организација Гоце Делчев во писмените расписки за да го сокрие својот иденитет понекогаш го користел псевдонимот Ахил, а војводата Христо Узунов надимакот Арсени М’глата. Ова го покажаа архивските документи што се дел од изложбата „120 ГОДИНИ ОД ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ – АРХИВСКА МЕМОРИЈА“ на Државниот архив на Македонија поставена во Фоајето на Центарот за култура - Битола и истата може да се посети до 3 ноември 2023 година.
Меѓу 300 архивски документи и фотографии прикажани на 21 изложбено пано се и писмата до Ахил (Гоце Делчев) до Асен (Иван Белешков) од 1902 година со кое го задолжува да се ангажира за набавка на оружје, како и она до Никола Зографов од 1897 година во кое меѓу другото го известува дека на Даме Груев ќе му испрати револвер со 100 куршими и две ками. Понатаму, дел од изложбата се и фотографии од четите на Гоце Дечев, Јордан Пиперката, Питу Гули, Ѓорги Сугарев.
Освен Илинденците, дел од изложбата се и партизаните и нивните успеси. Има фотогрфаии од веселбата пред манастирот „Св. Прохор Пчински“ за време на 2 Август 1944 година за време на Првото заседение на АСНОМ, од делгати кои присуствувале, споменици и помош кои по ослободувањето се доделувале за лица кои го помогнале Илинденското востание, написи во весници за прославите на Илинден во слободна Македонија. Во нив пишува и за поставувањето на монументалниот споменик на Даме Груев во Смилево на 60 годишнината од Илинеднското востание, дело на битолскиот вајар Александар Јовановски, кој е автор и на спомениците на народниот херој Стив Наумов , на револуционерот Борис Кириќ, како и на повеќе бисти на народни првоборци во Битола.
Авторите на изложбата се обидуваат да ги прикажат континуираните напори на Државниот архив во повеќе од 70-годишно постоење да дојде до нови факти содржани во архивска документација за македонското револуционерно движење формирано од крајот на XIX век, кое пак ќе резултира со организирање и кревање на Илинденското востание на почетокот на XX век.
Документите се дел од архивските фондови кои се чуваат во Државниот архив, а се преземени од архивите во Истанбул, Софија, Белград во форма на микрофилмови или ксерокскопиран архивски материјал.
Документите говорат многу суштински за: Македонската револуционерна организација, нејзиното создавање, церемониите на заколнување на членството, дисциплината и солидарноста на движечката сила на Организацијата, целокупната структурна поделеност, познатите војводи и револуционери, подготовките за Илинденското востание, текот и клучните вооружени борби со турската војска, последиците и активностите кои следувале по востанието, конзулските известувања, светскиот интерес прикажан во печатените медиуми, затворените и амнестирани илинденци, заложбите на македонското население во зачувувањето на меморијата за големата саможртва, за АСНОМ – вториот Илинден со кој се темелеше македонската државност, почитта кон преживеаните илинденци, законите за Илинденска споменица и илинденска пензија, за овековечувањето на илинденските војводи со споменичните обележја итн.
Ж.Здравковска